Папата до епископите во Перу: Соединете ја верноста на учењето со пастирската близина

Папата до епископите во Перу: Соединете ја верноста на учењето со пастирската близина

За време на средбата со епископите на Перу, папата Лав XIV ги повика да бидат пастири кои ја соединуваат верноста кон учењето на Црквата со пастирската близина, секогаш одејќи заедно со својот народ, со своите браќа епископи и пред Господ. Потсетувајќи ги да учат од светоста на перуанските светци, Папата нагласи дека пред дарохранителницата епископите повторно ја стекнуваат правилната перспектива за својата служба.

„Никогаш да не ни недостига време да бидеме со Господ и да ги придружуваме оние на кои им е потребно да го искусат духовното татковство на епископот. Зашто епископот, соединет со Христос, и покрај своите ограничувања, е орудие на утеха, единство и надеж.“

Со овие зборови папата Лав XIV им се обрати на епископите на Перу во четврток, 12 ноември 2026 година, во капелата на Архиепископската палата во Лима, на својот прв цел ден од престојот во земјата.

Во своето обраќање Папата нагласи дека епископите треба да ги отворат своите срца за денешниот Перу. Тој забележа дека еден древен пат ја задржува својата вредност сè додека продолжува да им овозможува на луѓето да стигнат до својата цел.

Пастири кои ја соединуваат верноста кон учењето со пастирската близина

„Мораме да се запрашаме кои патишта навистина водат кон Христос и да ги разоткриваме лажните патишта“, рече Папата.

„На Перу му се потребни пастири способни да ги слушаат прашањата на нашето време и да ги осветлуваат со јасноста на Евангелието“, додаде тој.

Ова е особено важно за да можат да ги придружуваат семејствата, да ги поддржуваат младите, да го бранат животот и достоинството на секој човек, да ја промовираат правдата и да се грижат за созданието, посветувајќи особено внимание на оние што страдаат поради сиромаштија, исклученост, корупција, насилство и недостаток на можности.

Папата Лав истакна дека оваа мисија бара „да ја соединиме верноста кон учењето со пастирската близина, славењето на светите Тајни со посветеноста кон ближниот и обликувањето на совеста со конкретното сведоштво на љубовта“.

Пред дарохранителницата повторно ја стекнуваме правилната перспектива за нашата служба

Папата ја истакна важноста епископите да учат од светоста на светците на Перу и постојано да се враќаат кон Евхаристијата.

„Евхаристијата е извор и врв на нашиот христијански живот. Пред дарохранителницата повторно ја стекнуваме правилната перспектива за нашата служба. Црквата не ни припаѓа нам. Таа Му припаѓа на Христос. Ние сме гласници кои еден ден ќе го завршат своето патување. Само Бог останува!“

Папата потсети и на примерите на светост што ги оставиле оние кои пред нив чекореле по перуанската земја, меѓу кои Свети Турибиј од Могровехо и Света Роза од Лима.

Молитвениот живот на Света Роза и нејзината посветеност на луѓето во потреба, рече тој, „нè потсетуваат дека апостолската плодност зависи од нашето единство со Господ и, следствено, од грижата што ја посветуваме на сопствениот духовен живот во епископската служба“.

Свети Фрањо Солано нè учи да ги преминуваме границите за да го навестуваме Евангелието, бидејќи „неговиот радосен мисионерски дух нè потсетува дека Црквата постои за да го навестува Исус Христос, особено на оние што живеат на човечките и географските периферии“.

Свети Мартин де Порес и Свети Иван Масијас, преку својата понизност, нè учат да Го препознаваме Христос во најмалите меѓу нас.

Папата нагласи дека нивниот пример нè потсетува дека вредноста на човекот не може да се мери според неговата положба, потекло или општествен статус.

„Животите на светците, секој од нив различен, а сепак соединет во една вера, епископи, свештеници и лаици, Шпанци, Креолци и мулати, го претставуваат единството на Црквата во Перу и создаваат вистинско училиште на светоста“, рече Папата.

Тој ги увери епископите дека светците „продолжуваат да чекорат со нас, овде и сега, по многубројните патеки на единствениот Пат, учејќи нè да бидеме in Illo uno unum, во Едниот да бидеме едно“.

Решителна посветеност на културата на превенција

Во обраќањето до перуанските епископи, Папата се осврна и на злоупотребите извршени од членови на свештенството или во црковна средина, кои предизвикале огромно страдање.

„Мораме да одговориме онака како што би одговорил Исус, со вистина, правда, простување, надоместување на нанесената штета и со сè поодлучна посветеност на создавањето култура на превенција и заштита на најранливите пред ваквите злосторства.“

Ниеден епископ и ниедна помесна Црква не треба да се чувствуваат сами

Папата им порача на епископите дека нивната служба ги повикува да бидат градители на мостови, да го поттикнуваат дијалогот, да воспитуваат за плодни средби и да придонесуваат за заздравување на раните што го делат перуанското општество.

За тоа е потребно да ги отворат своите срца и кон своите браќа епископи, „за да ја негуваме довербата, да ги споделуваме нашите тешкотии и да го зајакнуваме епископското братство“.

„Ниеден епископ не треба да се чувствува сам на овој пат. Ниедна помесна Црква не треба да ја извршува својата мисија како да е одвоена од другите“, рече папата Лав.

Преку заедништвото, истакна Светиот Отец, епископот може да помогне општествената или политичката поларизација да не ја ослабне неговата пророчка и евангелизаторска мисија.

Папата Лав ги повика епископите „никогаш да не престанат да одат со народот“, „никогаш да не престанат да одат заедно, во епископско заедништво, како сведоци на единството што го навестуваме“ и „никогаш да не се изморат да ги отвораат своите срца кон Бога, за Тој да го обновува нивниот повик, кон браќата и сестрите, за да се исцелуваат поделбите, и кон Неговиот народ, за во нив да го најде ‘отецот епископ’, близок, храбар и милосрден“.

На крајот папата Лав XIV се помоли Пресвета Богородица да им помогне на сите деца на оваа прекрасна земја, во Андите, долините, Амазонија, на крајбрежјето и на островите, во Црквата да пронајдат дом во кој ќе бидат прифатени, сослушани, сакани и водени кон Исус Христос.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот