Папата до белгиските универзитетски професори: Проширете ги границите, бидете немирни трагачи на вистината
Во петокот, 27 септември, на Католичкиот универзитет во Лувен, папата Фрањо се сретна со белгиските универзитетски професори и ги охрабри неуморно да ја бараат вистината и да ги прошируваат границите на знаењето.
На вториот ден од своето апостолско патување во Белгија, во петокот на 27 септември 2024 година, папата Фрањо замина од Брисел за Лувен, оддалечен дваесет километри, каде што се сретна со универзитетските професори на најстариот католички универзитет во светот, кој оваа година слави 600-годишнина.
Целосно образование
Папата во својот говор најнапред истакна дека главна задача на универзитетот е да им обезбеди на студентите комплетно образование за да ги добијат потребните средства за толкување на сегашноста и планирање на иднината. Универзитетите, истакна тој, по својата природа се иницијатори на идеи и нови стимулации за животот и размислувањето на луѓето и за предизвиците на општеството, односно тие се генеративни места. Но, пред сè, тие промовираат ентузијазам за потрага по вистината, во служба на човечкиот напредок – истакна Светиот Отец.
Во своето послание за внесување на Евангелието во културата, католичките универзитети треба да ги прошират границите на знаењето – истакна Папата потоа објасни – не се работи за умножување на знаењето и теории, туку со академското образование да се направи простор за живеење што го опфаќа животот и зборува за животот.
„Замор на духот“
Напоменувајќи дека сме потонати во културата обележана со напуштање на потрагата по вистината, Папата забележа дека го изгубивме занесот да бараме, за да се засолниме во удобноста на слабата мисла која на крајот прави сè да биде еднакво и релативно. Таквото гледиште – истакна тој – резултира со „замор на духот“ кој нè затвора во себе. Барањето на вистината е тешко, бидејќи нè принудува да излеземе од себе, да ризикуваме и да си поставуваме прашања. Поради ова, постои опасност да не привлече лесна и удобна „вера“ која ништо не доведува во прашање – предупреди папата Фрањо.
„Рационализам без душа“
Друг тип на граница што мора да се надмине – истакна тој – се однесува на „рационализмот без душа“, кој сè сведува на она што е материјално и видливо. На тој начин – објасни Папата – го губиме чувството за чудење, она внатрешно восхитување кое нè поттикнува да погледнеме подалеку, да ги кренеме очите кон небото, да ја откриеме таа скриена вистина која одговара на основните прашања како што се: Зошто живеам? Која е смислата на мојот живот? Која е крајната цел и крајната дестинација на ова патување?
Бидете отворен прозорец кон светот
Спомнувајќи ја библискиот настан од Книгата Летописи за еден човек по име Јавис (1. Летописи 4,10), римскиот епископ ги охрабри универзитетските професори како него да молат од Бог за милост да ги прошири нашите граници. Свесни сме дека не знаеме сё – рече тој – но во исто време, токму ова ограничување секогаш треба да турка напред, да ви помогне да го одржите жив пламенот на истражувањето и да останете отворен прозорец кон денешниот свет.
Прифаќање на бегалци
Папата Фрањо потоа му се заблагодари на Католичкиот универзитет во Лувен бидејќи со проширувањето на границите направи простор за прием на бегалци кои биле принудени да ја напуштат својата земја. Она што ни треба е култура што ги проширува границите, која не е „секташка“ и која не се воздигнува над другите – рече тој и нагласи – ни треба култура измешана во нашиот свет како добар квасец, која придонесува за општото добро на човештвото.
На крајот, Светиот Отец повторно ги поттикна универзитетските професори да ги прошират границите, да бидат немирни трагачи по вистината и да не остават нивниот ентузијазам да ослаби и да не се предадат на тромоста на мислата. Бидете протагонисти во градењето култура на инклузивност, сочувство и внимание кон најслабите и кон големите предизвици на светот во кој живееме – поттикна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк