Ватикан ја објави пораката на папата Лав XIV за шестиот Светски ден на бабите, дедовците и постарите лица, кој ќе се одбележи во четвртата недела од јули, на тема: „Никогаш нема да те заборавам“ (Исаија 49,15).
„Преку пророкот Исаија, Господ ветува дека никогаш нема да заборави никого од нас. Тој нè уверува дека ги врежал нашите лица на дланките од Своите раце (сп. Исаија 49,16) и дека Неговата љубов е поголема од љубовта на мајката кон своето дете (сп. Исаија 49,15).“
Со ова утешно потсетување започнува пораката на папата Лав XIV за шестиот Светски ден на бабите, дедовците и постарите лица, што ќе се одржи во четвртата недела од јули, под наслов „Никогаш нема да те заборавам“ (Исаија 49,15). Пораката ја објави Ватикан во понеделник 15 јуни 2026 година.
Во текстот, папата Лав објаснува дека пророкот ни овозможува да влеземе во еден интимен и длабок дијалог, во кој Бог се обраќа со блискост и нежност и на секој човек поединечно и на целиот народ. Папата додава дека и денес можеме да ги читаме овие зборови како да се упатени лично до секого од нас.
Во секоја возраст сме сакани Божји синови и ќерки
Овие зборови, кои нè исполнуваат со утеха и надеж, вели Папата, се одговор на болното чувство што може да го мачи човечкото срце: „Господ ме напушти; мојот Господ ме заборави“ (Исаија 49,14).
Папата признава дека многу постари лица го носат токму ова болно чувство на заборавеност, особено кога доживуваат осаменост или кога понекогаш се сведени само на број, на болнички кревет или на болест.
Според папата Лав, одбележувањето на Светскиот ден на бабите, дедовците и постарите лица е можност повторно да се открие дека Црквата е повикана да биде мајка на сите. Тој потсетува дека во секоја возраст „секогаш е можно да се препознаеме како синови и ќерки Божји“.
Покана и до младите
Светиот Отец ги поканува сите, особено младите, „да го оживеат прекрасниот обичај“ потсетувајќи се на своите баби и дедовци, постарите роднини, како и оние постари лица што немаат кој да ги посети.
„Преку оваа порака и преку вашето присуство, донесете им ја блискоста и наклонетоста на Папата“, пишува тој, повикувајќи ги блиските да им понудат на своите баби, дедовци и постари роднини нежна и срдечна средба.
Папата повторува дека Црквата ги разбира страдањата на своите постари членови. Радост е, во секоја возраст, а особено кога човек веќе не е млад, да открие дека е примател на Божјата „неуморна љубов“. Како што рекол блажениот Иван Павле I, Бог „секогаш ги има Своите очи отворени кон нас, дури и кога изгледа темно“; Тој „е наш Отец; уште повеќе, Тој е наша Мајка“.
Повик да се вратиме во Божјата прегратка
Иако можеби не ни доаѓа природно да размислуваме на овој начин, папата Лав нагласува дека вистината останува иста: во староста не престануваме да бидеме синови и ќерки.
Повикот да се вратиме во Божјата прегратка, истакнува тој, останува важна во секоја возраст.
За многумина, откривањето на Божјата нежност се случува во текот на животот, понекогаш дури и во неговите последни етапи.
Никогаш не е доцна да се свртиме кон Него
Папата Лав забележува дека денес, повеќе отколку во минатото, сè почесто се случува луѓе да стигнат до старост без вистинско искуство на верата.
Но и покрај тоа, нагласува тој, Бог сè уште им се приближува.
„Никогаш не е предоцна да почнеме да се обраќаме кон Него. Тоа може да биде голем дар за секого“, пишува Папата.
Повторно родени во староста
„Би сакал да ви кажам: не плашете се од кревкоста!“, порачува папата Лав, забележувајќи дека во староста човек може да биде „кревок“, но истовремено и „повикан“.
Тој нагласува дека мажот и жената, всушност, можат да се родат одново и во староста.
Светиот Отец истакнува дека во ова време, толку сурово обележано со насилството на војните и социјалните немири, многумина се прашуваат во каков свет ќе растат нивните внуци. Затоа ги повикува постарите лица да му се придружат во искрена молитва мирот наскоро да дојде во светот.
„Тој никогаш не нè заборава“
На крајот, Светиот Отец им се заблагодарува на сите постари лица што секојдневно го поддржуваат со своите молитви, особено кога ја молат Светата Бројаница.
„Ви возвраќам со оваа благодарност од длабочината на моето срце“, пишува Папата, оставајќи им ја оваа молитва: „Нека Господ секогаш нè обновува во верата, надежта и љубовта — Оној Кој никогаш не нè заборава!“
Ватикан њуз/к.мк

