Истакнувајќи пред молитвата дека празникот Тело и Крв Христови се слави денес во Италија и во некои други земји, папата Фрањо во своето пладневна обраќање се осврна на значењето на Последната вечера за време на која Христос прави чин на предавање: прекршен леб и чашата во која им се принесува на учениците, Тој се дава Себеси за целото човештво и се принесува самиот себе за живот на светот. Кога ќе ја победиме себичноста и ќе се отвориме за љубовта, тогаш како Исус го прекршуваме лебот на нашиот живот
ПАПА ФРАЊО
АНГЕЛ ГОСПОДОВ
Плоштад Свети Петар недела, 2 јуни 2024 година
Драги браќа и сестри, имајте убава недела!
Во Италија и во некои други земји денес се слави празникот Тело и Крв Христови. Евангелието на денешната Литургија ни зборува за Исусовата Последна вечера (Марко 14,12-26), за време на која Господ врши чин на предавање: имено, во прекршениот леб и во чашата дадена на учениците, Тој се дава Себеси за целото човештво и се нуди Себеси за живот на светот.
Овој Исусов чин на прекршување на лебот, содржи важен аспект кој е нагласен во Евангелието со зборовите „им даде“ (р. 22). Тие зборови нека бидат втиснати во нашите срца: им даде. Евхаристијата, имено, пред сè не потсетува на димензијата на дарот. Исус го зема лебот не за да го јаде сам, туку за да го прекрши и да им го даде на учениците, со што ќе го открие својот идентитет и своето послание. Животот не го задржа за себе, туку ни го даде; не го чуваше своето божествено битие како богатство кое љубоморно го чува само за себе, туку се лиши од слава за да ја сподели со нас нашата човечност и да нè воведе во вечниот живот (сп. Филипјаните 2,1-11). Исус го направи целиот свој живот дар. Да се потсетиме на ова: Исус го направил целиот свој живот дар.
Затоа, сфаќаме дека празнувањето на Евхаристијата и јадењето на овој Леб, како што правиме на посебен начин во недела, не е чин на богослужба одделен од животот или едноставен момент на лична утеха; секогаш мораме да запомниме дека Исус, земајќи го лебот, го прекрши и им го даде, и затоа заедништвото со него нè оспособува да станеме прекшен леб за другите, да споделуваме што сме и што имаме. Свети Лав Велики вели: „Нашето учество во Телото и Крвта Христови немаат друга цел, освен да станеме она што го јадеме“ (Sermone XII sulla Passione, 7).
Браќа и сестри, тоа е она на што сме повикани: да станеме она што го јадеме, да станеме „евхаристиски“, односно оние кои повеќе не живеат за себе (сп. Римјаните 14,7), во логиката на поседување и конзумација, туку оние кои знаат да го направат својот живот дар за другите. Така, благодарение на Евхаристијата, стануваме пророци и градители на новиот свет: кога ќе ја победиме себичноста и ќе се отвориме за љубовта, кога ќе негуваме братски односи, кога ќе учествуваме во страдањата на нашите браќа и ќе делиме леб и добра со оние кои имаат потреба, кога ќе ги ставиме сите наши таленти достапни на сите, тогаш го прекршуваме лебот на нашиот живот како Исус.
Па, да се запрашаме: дали го чувам мојот живот само за себе или го давам како што направи Исус? Дали им се раздавам на другите или сум затворен во своето мало „јас“? И дали знам да споделувам во секојдневните ситуации или постојано барам свој интерес?
Дева Марија, која го прими Исуса, Лебот што слезе од небото и се предаде, потполно се предаде заедно со Него, нека ни помогне да станеме дар на љубовта, соединети со Исус во Евхаристијата.
Ватикан њуз/к.мк