Како Иван Крстител да дозволиме да нè обземе восхит пред „невидената новост“ на Бог Кој во Исус е солидарен со нас и го спасува светот, земајќи ги на себе нашите гревови – рече папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов, во недела 19 јануари.
По пладневната молитва, Папата изрази надеж за добар исход на конференцијата за Либија која се одржува во Берлин, и поттикна на молитва за медицинските сестри и акушерките на кои им е посветена 2020 година.
Нека нè обземе восхитот како Иван Крстител пред „невидената“ новост на Бог Кој во Исус со нас е солидарен и го спасува светот, земајќи ги на себе нашите гревови – рече папата Фрањо во недела19 јануари 2020 година, пред молитвата Ангел Господов, на плоштадот Свети Петар, осврнувајќи се на Евангелието за светата Литургија кое зборува за сведоштвото на Иван Крстител за Исус на Кој на крштението на реката Јордан, Светиот Дух го посвети и Отецот го прогласи за Син Божји. Иван Крстител беше првиот сведок и не можел да го сокрие своето искуство – рече Папата.
Иван Крстител видел нешто потресно, односно љубениот Син Божји солидарен со грешниците – рече Светиот Отец и истакна: Светиот Дух му дава да ја сфати таа „невидена“ новост, односно вистински пресврт. Имено додека во сите религии човекот е тој кој на Бог му принесува некаква жртва, во случајот на Исус, Бог е Оној Кој го дава сопствениот Син за спасение на човештвото. Иван Крстител во Исус го препознава „Јагнето Божјо“ кое дојде за да ги земе гревовите на светот. Неговото сведоштво нè повикува во центарот на својот верски живот да го ставиме милосрдието Божјо овоплотено во Исус Христос.
Да дозволиме повторно да нè изненади Божјиот избор, да биде на нашата страна, солидарен со нас грешниците, спасувајќи го светот од зло, земајќи го целосно на себе – рече папата Фрањо и поттикна: Да се учиме од Иван Крстител повеќе да го запознаваме Исус преку Евангелието, контемплирајќи ја сликата на Неговото лице. Да Го набљудуваме со очите и уште повеќе со срцето. Да дозволиме да нè поучува Светиот Дух кој во нас зборува: Тој е Он! Син Божји, Кој стане Јагне, жртвувано заради љубовта. Он сам го поднесе страдањето и го откупи гревот на светот и на секој од нас.
Сите гревови ги одзема од нас и ги зема на себе, за најпосле да бидеме слободни, а не повеќе робови на злото. Нека Блажена Дева Марија нè застапува за во себе да имаме сили со кои ќе можеме да сведочиме за нејзиниот Син Исус и да Го навестуваме со зборови и со животот ослободени од злото – заврши Папата.
По пладневната молитва Светиот Отец ги поздрави присутните верници и поклоници потсетувајќи на конференцијата за Либија која се одржува во Берлин и изразувајќи надеж дека тоа ќе биде почеток на патот кон мирот и стабилноста на земјата. Оваа година е година на медицинските сестри и акушерки. Да се молиме за нивната скапоцена работа – поттикна на крајот Папата.
Ватикан њуз/к.мк