Папата: Да кажеме „не“ на зависта која убива

Папата: Да кажеме „не“ на зависта која убива

Служејќи света Литургија во домот Света Марта папата Фрањо предупреди дека со навредите ги дискредитираме другите, им го одземаме на луѓето нивното почитување, ги замолчуваме, им го одземаме гласот.

Исус нѐ повикува да го отфрлиме навредувањето кое ја убива иднината на личноста. Наместо тоа потребно е да преминеме од завист во пријателство – истакна папата Фрањо за време на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта во Ватикан. Појдовна точка на проповедта на Папата беше евангелието од денот (Матеј 5, 20-26) во која нагласи дека Исус од нас сака радикално помирување.

Со навредите ги дискредитираме другите

Светиот Отец рече дека Исус ја користи човечката мудрост, секојдневните примери за да им укаже на своите ученици за проблемот со навредата. Исус така ни објаснува дека навредите го отвораат патот кој завршува со убиство. Папата предупреди дека со навредите ги дискредитираме другите, им го одземаме на луѓото нивното почитување, ги замолчуваме, им го одземаме гласот. Навредите се опасни затоа што често се раѓаат од зависта, а според Книгата Мудрости, тоа е начинот на кој ѓаволот влегол во светот – рече папата Фрањо и додаде: Кога другиот има нешто што ми претставува опасност, зависта ме натерува да го навредувам.

Испит на совеста

Папата рече дека е добро да се запрашаме: Дали некого навредив денес? Кога навредувам? Кога со навредата го исклучувам другиот од своето срце? И видете дали таму се наоѓа горчливиот корен на зависта кој ме принудува да сакам уништување на другиот за да избегнам натпреварување, сопарништво и на тоа слични работи. Тоа не е лесно. Но да размислиме за тоа колку би било убаво кога никогаш нема да ги навредуваме другите – рече Светиот Отец и додаде: Нека Господ ни ја даде таа милост.

Помири се со својот брат

Исус нѐ поттикнува да ја запреме динамиката која од зависта води до навредување, а потоа до уништување на другиот. Кога одиш на молитва или на света Литургија, а притоа знаеш дека некој од твоите браќа има нешто против тебе, оди за да се помириш со него – рече Папата и продолжи: Исус е толку радикален. Помирувањето не е став на добро однесување, не. Напротив станува збор за радикален став кој настојува да го почитува достоинството на другиот, како и моето сопствено. Од навреда до помирување, од завист до пријателство: тоа е патот кој Исус денес ни го дава – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот