Папата: Да бидеме гостољубиви кон мигрантите

Папата: Да бидеме гостољубиви кон мигрантите

Потсетувајќи на Молитвената осмина за единство на христијаните, папата Фрањо во катехезата за време на Генералната аудиенција во салата Павле VI, се фокусираше на бродоломот на свети Павле близу Малта, истакнувајќи дека прифаќањето е важна екуменска крепост која може да даде многу духовни дарови

Да бидеме гостољубиви кон мигрантите, значи да ги љубиме како што тоа Бог го направи. Свети Павле и неговите сопатници биле како многу денешни мигранти – рече папата Фрањо во катехезата која ја одржа за време на Генералната аудиенција во салата Павле VI на 22 јануари 2020 година, фокусирајќи се на Делата на светите Апостоли кои зборуваат за бродоломот на свети Павле близу Малта, за неговата безусловна вера во Исус и за спонтаната гостољубивост на Малтежаните, што е голем знак на Божјата љубов. Да го набљудуваме тој настан е како да гледаме во она што се случува денес на морето, кога очајот доведува до соочување со брановите и бурите, наместо да води кон наоѓање на разбирање. Тие кои ќе преживеат наидуваат на непријателство.

Мигрантите во целиот свет, мажи и жени се соочуваат со ризични патувања за да побегнат од насилството, војните и сиромаштвото – рече Папата и истакна, дека свети Павле и неговите сопатници наидувале на рамнодушност, непријателство во пустината, реки и мориња. Често не им дозволувале да се засидрат на пристаништата. За жал, понекогаш се среќаваат и со лошото непријателство на луѓето. Ги искористуваат криминалци и трговци. Сето тоа се случува и денес! Понекогаш негостољубивоста, како бран ги исфрла во сиромаштвото или во опасностите од кои побегнале.

Темата која заедниците од Малта и Гоза ја избраа за Молитвената осмина за единство на христијаните е тема за гостољубивоста која свети Павле и неговите сопатници ја искусиле на Малта после 14 дена пловидба – рече Светиот Отец и истакна: Тоа било патување полно со страв заради неизмерната морска сила која животот им го доведувала во опасност, но и безусловната доверба во Бог, Отецот полн со љубов. Спасувајќи се свети Павле и неговите сопатници примиле од Малтежаните сведоштво за ретка хуманост, наоѓајќи засолниште, храна и топлина. Во конкретните дела на добрина им ја покажале Божјата љубов.

Гостољубивоста на Малтежаните е наградена со оздравувањата кои Бог ги направил преку свети Павле. Па, ако Малтежаните за свети Павле биле знак на Божјата провидност, и тој бил сведок на милосрдната Божја љубов кон нив – рече папата Фрањо и напомена: Да се биде браќа во Христос значи да бидеме такви и само така гостољубивоста станува важна екуменска доблест која не е едносмерен чин на великодушност, затоа што кога ќе ги угостиме другите христијани ги примаме како дар кој ни е даруван. Тоа е милоста на Светиот Дух, тоа значи да се прегрне она што Господ го прави во животите на другите.

Да се прифатат христијаните со друга традиција пред сè значи да им се покаже Божјата љубов, затоа што се Божји деца и наши браќа; освен тоа, значи да го прифатиме она што Бог го направил во нивниот живот – рече Папата и продолжи: Екуменската гостољубивост бара подготвеност за слушање на другите христијани, обраќајќи внимание на нивниот личен живот со вера и животот со вера на нивните заедници со поинаква традиција од нашата. Како што било морето во тоа време, така е морето и денес; опасно, полно со замки, ризично за патување за оние кои бегаат од насилството, војните и сиромаштвото.

Непријателството кое мигрантите го примаат, се претвора во затворени пристаништа и рамнодушност заради што многу луѓе се фрлени во сиромаштво и опасност. Христијаните се повикани заедно да работат за да станат подобри луѓе, подобри ученици и обединет христијански народ. Како христијани мора заедно да работиме за да им ја покажеме на мигрантите Божјата љубов која ни ја објави Исус Христос. Можеме и мора да сведочиме дека не постои само непријателство и рамнодушност, туку дека на Бог секој човек му е скапоцен и го љуби. Поделбите кои сè уште постојат меѓу нас, нè спречуваат потполно да бидеме знак на Божјата љубов во светот, што е наше звање и послание – ја заврши катехезата Светиот Отец.

Поздравувајќи ги после катехезата верниците и ходочасниците на арапски јазик, папата Фрањо потсети дека како христијани не смееме да биде рамнодушни кон неволјите на старото и новото сиромаштво, најмрачната осаменост, презирот и дискриминацијата. Повика да работиме заедно покажувајќи ја Божјата љубов, за пред бедата на многу недолжни луѓе да останеме нечувствителни и со умртвени срца. Папата на италијански јазик посебно ги поздрави ходочасниците од бискупијата Термоли – Ларино кој на ходочастието ги придружуваат моштите на свети Тимотеј кој по повод славењето на Неделата на Божјото Слово ќе бидат пренесени од базиликата Свети Павле надвор од ѕидините, каде се наоѓаат од 18 јануари.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот