Папата упати порака до Конгресот за верска едукација во Лос Анџелес

Папата упати порака до Конгресот за верска едукација во Лос Анџелес

Во порака испратена до надбискупот на Лос Анџелес, Хосе Х. Гомес, папата Лав XIV упати поздрави по повод 70. Конгрес за верска едукација во Лос Анџелес, што се одржува во Анахајм, сојузната држава Калифорнија, од 19 до 22 февруари 2026 година. Папата повторно нагласи дека „продлабочувањето на односот со Исус и верното и радосно учеништво“ ги прави вероучителите вистински и делотворни.

„Продлабочувајќи го вашиот однос со Исус, Кој е Вистината, и продолжувајќи да бидете верни и радосни ученици во секојдневниот живот, вашата автентичност како воспитувачи и катехести ќе ви овозможи да го пренесувате Евангелието така што тоа ќе води кон вистинска средба со Господ и ќе придонесува за градење трајна и животворна култура…“

Папата го истакна ова во пораката испратена до надбискупот на Лос Анџелес по повод годишниот четиридневен католички собир, кој оваа година се одржува под мотото „Обвиени во милосрдие, обновена надеж“. Конгресот го организира Канцеларијата за верска едукација при Надбискупијата Лос Анџелес.

На Конгресот присуствуваат илјадници верници, воспитувачи и водачи на служби од Соединети Американски Држави и пошироко, со цел да ја продлабочат верата преку работилници, литургиски славења, изложбени содржини, главни предавања и духовни настани. Започна со Ден на млади на 19 февруари, а програмата за возрасни продолжува до 22 февруари.

Можност за вистинска духовна обнова

Во текстот, испратен во име на Светиот Отец преку државниот секретар на Ватикан, кардинал Пјетро Паролин, Папата упати срдечни поздрави и изрази надеж дека овие денови на молитва, формација и заедништво „ќе бидат можност за вистинска духовна обнова“.

Светиот Отец ја пофали нивната свесност, како мажи и жени посветени на задачата на верското образование, дека „вистинскиот учител ја буди желбата за вистината“.

Исус дава утеха и сила

Папата ги охрабри и присутните млади „да ги отворат срцата за Божјата љубов“. Таа љубов, потсети тој, не само што го поттикнала Исус да се дарува за нас на Крстот, туку и да остане со нас во Пресветата Олтарска Тајна.

„Во таа смисла“, Папата се помоли нивното учество на Конгресот да им помогне „да ја откријат евхаристиската присутност на Исус како неисцрпен извор на утеха и сила во сите животни околности“.

Папата Лав XIV на крајот ги довери сите учесници на мајчинското застапништво на Марија, Пресвета Богородица од Ангелите, и им го подели својот апостолски благослов.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот