Папата: Годишнината од Хирошима нека послужи како повик за мир

Папата: Годишнината од Хирошима нека послужи како повик за мир

Во пораката по повод 80-годишнината од бомбардирањето на Хирошима, папата Лав XIV ја повикува меѓународната заедница да ја обнови својата посветеност кон траен мир за целото човечко семејство.

„Нуклеарното оружје го навредува нашето заедничко човештво и го понижува достоинството на созданието, чија хармонија сме повикани да ја заштитиме“, изјави папата Лав XIV во пораката упатена до бискупот Алексис Ширама од Хирошима, која ја прочита Апостолскиот нунциј, надбискупот Франциско Ескаланте Молина, за време на светата Литургија за мир во Хирошима.

Одбележувајќи 80 години од нуклеарното бомбардирање на јапонските градови Хирошима и Нагасаки од страна на американските сили за време на Втората светска војна, при што загинаа помеѓу 150.000 и 246.000 луѓе, Папата истакна дека „двата града остануваат живи потсетници на големите ужаси предизвикани од нуклеарното оружје“.

Тој изрази почит кон преживеаните – хибакуша – чии сведоштва, како што рече, „се навремен повик до сите нас да изградиме побезбеден свет и да поттикнеме клима на мир“.

Папата се повика на повторениот апел на својот претходник, папата Фрањо: „Војната е секогаш пораз за човештвото“, и нагласи дека вистинскиот мир бара „храбро положување на оружјето, особено на оние со моќ да предизвикаат неопислива катастрофа“.

„Нуклеарното оружје го навредува нашето заедничко човештво, а истовремено го понижува достоинството на созданието, чија хармонија сме повикани да ја заштитиме“, повтори тој.

Илузија за безбедност заснована на меѓусебно гарантирано уништување

Цитирајќи го папата Фрањо, Папата рече дека во време „на растечки глобални тензии и конфликти“, Хирошима и Нагасаки се како симболи на сеќавањето кои, како што рече, „нè повикуваат да ја отфрлиме илузијата за безбедност заснована на меѓусебно гарантирано уништување“.

Наместо тоа, продолжи тој, „мора да изградиме глобална етика втемелена во правдата, братството и општото добро“.

Апел до меѓународната заедница

Светиот Отец заклучи изразувајќи ја својата молитва оваа годишнина да послужи како „повик до меѓународната заедница да ја обнови својата посветеност на стремежот кон траен мир за целото наше човечко семејство – мир кој е невооружен и разоружувачки“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот