Папата ги повика католичките училишта да им помогнат на младите да откријат нов начин на живот во светот
Католичките училишта и универзитети треба да бидат места каде што младите ќе се чувствуваат сакани, забележани и прифатени, за да можат да придонесат во изградбата на помирен и поправеден свет, порача папата Лав XIV на средбата со учесниците на Меѓународниот конгрес за пасторална грижа во училиштата и универзитетите.
Конгресот, организиран од Дикастеријата за култура и образование, се одржува во Ватикан од 22 до 23 октомври.
„Под оклопот што толку многу тинејџери го градат околу себе за да избегнат страдање, се крие желбата да љубат и да бидат љубени“, истакна Папата.
Тој ги повика воспитувачите и пасторалните работници да им помогнат на младите да станат „протагонисти на нов начин на живеење во светот, градители на братството и на поправедно општество“.
Папата посебно предупреди на културата опседната со успехот и постигнувањата, која постојано ги споредува и рангира луѓето. Според него, многу млади денес се парализирани од стравот дека ќе згрешат, дека нема да бидат доволно добри или дека нема да ги исполнат очекувањата.
Во такви околности, католичките училишта и универзитети треба да бидат како дом, место каде што секој млад човек знае дека е очекуван и добредојден.
„Некој те гледа во очи, се сеќава на твоето име, го забележува твоето отсуство и се радува кога ќе се вратиш“, рече Папата.
Тој потсети дека многу ученици и студенти живеат со различни облици на егзистенцијална вознемиреност, меѓу кои ранети семејства, дигитална осаменост, чувство на недоволност и страв од неизвесна иднина.
Папата ги охрабри католичките образовни институции да им помогнат на младите да го развиваат интелектот, да Го сретнат Христос и да ја откријат плодноста на соработката меѓу верата и разумот.
На крајот истакна дека пасторалната грижа ќе биде најплодна кога е насочена кон „воспитување на срцето“.
„Мораме да го воспитуваме срцето за сочувство, благодарност и способност да биде трогнато од страдањето на другите“, рече папата Лав XIV.
Тој нагласи дека служењето на сиромашните, волонтерството, грижата за созданието и молитвата се важни места каде што младите учат да го отвораат срцето и да ги откриваат даровите што Бог веќе ги положил во нив.
Ватикан њуз/к.мк

