Папата во Уругвај: Никогаш не се задоволувајте со просечност, пронајдете радост и исполнетост во Христос

Папата во Уругвај: Никогаш не се задоволувајте со просечност, пронајдете радост и исполнетост во Христос

За време на молитвеното бдение во Монтевидео, папата Лав XIV ги повика верниците целосно да Му се предадат на Господ и во Христос да ја пронајдат вистинската радост, слобода и исполнетост.

„Нека Христос навистина влезе во сè што правите, во она што го сакате и во она што го избирате, дури и во оние делови од вашиот живот што никој друг не ги гледа. Бидете свети! Не задоволувајте се само со пристоен живот или со вообичаена вера. Не Му давајте на Бога само дел од себе, туку предајте Му се целосно“, порача Светиот Отец.

Папата нагласи дека светоста е повик за секој христијанин и дека Христос не повикува на просечност, туку на нов и исполнет живот.

Осврнувајќи се на секуларизацијата и верската рамнодушност, тој ги охрабри родителите кои се молат со своите деца, наставниците кои ја сведочат верата, младите кои го следат Христос и свештениците кои истрајно им служат на верниците.

„Кога се обидуваме да изградиме свет без Бога, ризикуваме во него да не остане место ниту за човекот“, предупреди Папата.

Тој ги повика верниците искрено да се запрашаат колку место има Христос во нивното секојдневие, во нивното време, размислување и домови. Како пат кон подлабока средба со Господ ги посочи молитвата, светата Литургија, Исповедта и читањето на Евангелието.

Посебно им се обрати на младите, повикувајќи ги храбро да ги носат големите животни одлуки.

„Осмелете се да стапите во брак и да создадете семејство. Не плашете се од ‘засекогаш’“, рече папата Лав, додавајќи дека оние кои чувствуваат повик кон свештенството или богопосветениот живот не треба да дозволат стравот да го замолчи Божјиот повик.

Светиот Отец ги повика верниците нивниот живот да стане сведоштво кое ќе ги поттикне другите да се запрашаат од каде доаѓа нивната слобода, љубов и надеж.

„На Радосната вест ѝ се потребни сведоци“, нагласи тој, потсетувајќи дека христијаните се повикани да сведочат дека Божјата љубов е посилна од смртта, омразата и гревот.

На крајот, Папата ги охрабри верниците да Го бараат Христос во Евхаристијата и да разговараат со Него како со пријател.

„Нека се гледа дека Христос е жив и дека средбата со Него го менува животот“, порача папата Лав XIV.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот