На средбата со учесниците на Генералното собрание на Капуцините на Светото семејство, во понеделник 26 септември 2022 година, папата Фрањо ги поттикна да учат од Светото семејство, да ја прифатат маленкоста и во тишина да го слушаат Божјиот глас, да одржуваат интензивен личен молитвен живот и заедно да ја живеат синодалноста.
Понизно слушање и синодалност – ова беше во центарот на говорот на папата Фрањо во кој тој им се обрати на сестрите капуцини на Светото семејство, кои се собрани деновиве на Генерално собрание. Тоа се две идеи кои монахињите ги ставаат во центарот на своите дела, а кои имаат длабоки корени во монашкиот живот – објасни Папата, нагласувајќи дека за слушање, пред сè, потребна е тишина, длабока, внатрешна тишина што се постигнува со молитва; додека, спротивно на тоа, нашиот начин на живот е често полн со врева и изгледа дека е поважно да се најде поттик што ќе го привлече вниманието на другиот за да се добие одговор што е можно побрзо.
За многумина, кревањето на гласот, физички или морално, е како решение за да се наведе оглувената маса да се определи за нивната идеја или мислење, секогаш барајќи начин како нивниот сигнал подобро да се слуша, да биде попривлечен или изненадувачки – рече Папата. Меѓутоа, последиците се негативни. Тоа оцрнува, – објасни Папата. Плашете се од зборови; од плачот, тоа го оцрнува човекот, ја ограничува неговата слобода до тој степен што го прави роб на оние кои имаат можност да влијаат на овие сигнали, преку средствата за комуникација, образование, јавно мислење или политика, и на тој начин да ги наметнат своите програми.
Да се најде хармонија на звуците во сопствената тишина
Напротив, Исус бара од нас да одиме против таа струја, да бараме тишина, да се одделиме од светот, од вревата – истакна Папата. На овој начин се овозможува да се обрне внимание и со посебно трпение да се препознаат различните звуци, да се проценат и разликуваат, да се сфати нивното значење. Така ќе почне да се обликува тој првичен шум и она што изгледаше нескладно ќе може да се разбере и локализира, ќе има име и лице – објасни Папата и истакна дека ниту еден звук нема да биде остар во нашите уши ако најде хармонија, која може да ја даде само нашата тишина.
Да се пронајде смисла на работите
Римскиот бискуп ги охрабри монахињите да бидат пророци на понизно слушање, пред сè слушајќи го гласот Божји кој нѐ повикува да ги сакаме сите без разлика, да сакаме сѐ што е создадено како негов дар и да ја гледаме неговата големина во секое нешто, како што свети Фрањо поучува во неговата Песна на созданијата. Тоа е мелодија – според Папата – која се наметнува природно, бидејќи таа е самата суштина на сите нешта. Во него своето значење го наоѓаат и болката, темнината, смртта и братот во неволја, може да се разберат и оној на кој му треба прошка, откупение, втора шанса, а може да се разберат и причините на оние кои размислуваат поинаку. Затоа, благодарение на тивкото слушање на Бога и човекот, од какофонија се доаѓа до симфонија; доаѓаме до синодалност, до заедничко чекорење, до тоа дека сме само едно срце и една душа.
Исусовиот пат
Забележувајќи на крајот дека кревањето глас не е патот, Папата истакна дека единствениот пат е Исус, односно патот на крстот, понизноста, сиромаштијата и служењето. Патот што го избра свети Фрањо, како и основачот на капуцинскиот ред на Светото семејство, Луис Амиго, кој размислуваше секој ден за Страдањата, повикувајќи ги сите да го прифатат стилот на маленост и мртвење како пат до небото. Сопствениот глас и гласот на другите може да ја поттикне хармонијата на заедницата, што не значи дека сите се чувствуваат и мислат исто, туку дека се хармонично обединети. Единствениот кој може да даде хармонија е Светиот Дух – нагласи папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк