Папата: Во свет на конфликти, Божјата милост може да ги преобрази нашите животи

Папата: Во свет на конфликти, Божјата милост може да ги преобрази нашите животи

Папата Лав XIV ја истакна моќта на Божјата неограничена милост во свет обележан со тензии и насилство што ги нарушуваат односите и уништуваат животи. Тој упати видео порака до учесниците на Светскиот апостолски конгрес за милосрдието, кој се одржува во Литванија од 7 до 12 јуни.

Во свет обележан со тензии и насилство, потребно е да се потсетиме дека Божјата милост е неограничена и има моќ да ги преобрази нашите срца, рече папата Лав XIV во видео порака објавена во недела, 7 јуни 2026 година, по повод Светскиот апостолски конгрес за милосрдието.

„Во виорот на насилството што ги труе односите и уништува животи, Божјата милост бара да биде примена во нашите срца со својата неверојатна сила на обновување“, нагласи Папата.

„Токму ова милосрдие е способно да ги преобрази нашите животи, отворајќи го патот кон љубовта и простувањето, како посебни одлики на Божјото лице што се пројавува преку нас.“

Шестиот Светски апостолски конгрес за милосрдието се одржува во Вилнус, Литванија, од 7 до 12 јуни. Овој настан се одржува на секои три години во различна земја и се фокусира на навестувањето и промовирањето на Божјото мислордие преку сведоштва, предавања, културни настани, литургиски славења и други активности.

Во својата видео порака, Папата го поздрави Неговата Сесветост, цариградскиот патријарх Вартоломеј, кој присуствува на настанот, како и надбискупот на Вилнус, Гинтарас Грушас, претседателот на Литванија, Гитанас Науседа, и сите учесници. Тој потсети дека оваа иницијатива била „толку силно посакувана“ од свети Иван Павле II.

Бог никогаш не се заморува да ја покажува Својата милост

Во својата видео порака, Папата истакна дека во „денешниот свет, со неговите многубројни стравови и вознемирености, тензии и војни“, постои „сè поитна потреба од мир во срцата, како на поединците, така и на народите“.

„Бог никогаш не се заморува да ја покажува Својата милост“, нагласи Папата, додавајќи дека Неговата љубов „трае довека“ и дека „нашиот свет толку многу вика за милост на секое ниво“.

Цитирајќи го свети Августин, кој рекол дека неговата единствена надеж е во „неизмерно големата Божја милост“, Папата истакна дека таа навистина е извор на радост и надеж „кога ќе искусиме колку Бог е милосрден кон секој од нас“.

Сепак, тој објасни дека мирот „што толку многу го посакуваме не може да се постигне без милост“.

„Затоа, да ја соединиме нашата доверба во бесконечната Божја милост со нашата лична посветеност да градиме попријателско и помилосрдно општество, почнувајќи од нашите семејства“, повика Папата.

На крајот, тој ги охрабри учесниците сè што ќе примат од оваа меѓународна средба да го понесат во своите заедници, а потоа им го додели својот апостолски благослов.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот