Верата е дар која ја одржува жива длабоката и убава сигурност, нашата припадност на Божји деца – рече папата Фрањо за време на средбата со младите и семејствата која се одржа пред Палатата на културата во Јаш, Романија.
Светиот Отец на почетокот на говорот се заблагодари за срдечниот пречек и потсетувајќи дека на тие простории денес се одбележува денот на децата ги поттикна присутните на молитва за децата. Да ја молиме Богородица да ги заштити со својот плашт. Исус ги поставил меѓу своите апостоли; и ние сакаме да ги ставиме во центарот и да ја потврдиме својата обврска дека сакаме да ги љубиме со истата љубов со која Господ ги љуби и да се обврземе дека ќе им го даде правото на иднина – рече Папата.
Изразувајќи радост заради тоа што на средбата во Романија се присутни од различни возрасти, од различни покраини и традиции, како и од Молдавија и верници од чанго јазик, како и полскиот и рускиот, Папата рече дека Светиот Дух нѐ повикува и ни помага да откриеме колку е убаво да бидеме заедно, колку е убаво што можеме да се сретнеме за да одиме заедно. Секој со својот јазик и традиција, но среќни што се среќаваме со браќата – истакна Папата. Духот ги опфаќа нашите разлики и ни дава сила за отворање на патишта на надеж извлекувајќи го од секого најдоброто. (…) Тешко е да се оди заедно, нели? – праша Папата и истакна, тоа е дар за кој треба да се молиме.
Треба да не ги заборавимекорените – рече папата Фрањо. Тоа е истиот сон, истата препорака која свети Павле му ја дава на Тимотеј, да ја одржува жива верата на својата мајка и на својата баба (сп. 2Тим 10, 5-7). Во мерката во која растеш – во секоја смисла – силен, голем и станувајќи познат, не го заборавај она најубавото и најскапоценото што си го научил во семејството. (…) не ги заборавај својата мајка и својата баба и она едноставна но цврста вера која ги карактеризирала и која им давала сила и истрајност во животот. Тоа е повик на благодарност и обнова на великодушноста, храброста и несебичноста на „домашната“ вера која поминува незабележано, но малку по малку го гради Божјото Царство – истакна Папата.
Секако, додаде Папата, верата не котира на берзата, не се продава и може да изгледа дека не служи за ништо. Но, верата е дар која ја одржува жива длабоката и убава сигурност за нашата припадност на деца, деца кои Бог ги сака. Бог љуби со љубов на Отец, секој живот; секој од нас му припаѓа. (…) Злите разделуваат, одвојуваат и внесуваат неслога, сеат недоверба. Сакаат да живееме разделени од другите и од нас самите. Духот напротив нѐ потсетува дека не сме анонимни, апстрактини суштества без лице, без историја и идентитет. Не сме ниту празни, ниту површни суштества – рече Папата и истакна дека постои многу силна духовна мрежа која нѐ обединува, поврзува и поддржува, а посилна од било кој друг вид на врска. Тоа се корените; спознанието дека припаѓаме едни на други, дека животот на секој од нас е поврзан со животот на другите. (…) Припаѓаме едни на други, а личната среќа поминува од тоа другите да ги правиме среќни. (…)
Има многу предизвици кои можат да нѐ обесхрабрат и да направат да се затвориме во себе – рече Папата. Но, заради тоа не можеме да изгубиме од вид дека верата ни го дава најголемиот предизвик; оној кој е далеку од затворање и разделување, дава да никне она најдоборото во секој човек, па и тогаш кога гледаме повеќе ровови отколку патишта. Господ е Оној кој ни дарува пеење посилно од сите сирени кои сакаат да го запрат нашето одење, користејќи ја својата слобода за да кажеме „да“ на некој проект на љубовта, на некое лице, на некој поглед, Таа слобода е многу поголема од можноста за трошење и купување на работи. Тоа е повик кој нѐ движи, ги руши рововите и ги отвора патиштата кој нѐ потсетува на припадноста на деца и на браќа – истакна папата Фрањо.
Папата на крајот ги поттикна на присутните да отворат патишта за заедно да одат и да го продолжат сонот кој е пророштвото – без љубовта и без Бог ниту еден човек не може да живее на земјата. (…) Не станува збор за создавање на големи програми или проекти, туку за тоа да дозволиме верата да расте и да ја пренесуваме, но не само со зборови, туку и со гестови, погледи, милување како со она на нашите мајки и баби, односно со вкусот на работите кои сме ги научиле во сопствениот дом.
Таму каде има многу врева – објасни Папата – да знаеме да слушаме; каде има вознемиреност да вдахнуваме хармонија; каде има двосмисленост да донесуваме јасност; каде владее иземање да внесеме учествување; среде сензационализмот и брзите пораки и вести да се грижиме за интегритетот на другите; среде агресивноста да даваме предност на мирот; среде лажноста да ја донесеме вистината; во сѐ да ги отвораме патиштата за да ја почувствуваме припадноста на деца и браќа – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк