Папата во римската парохија Свети Пиј V: „Да го вратиме Божјото простување во центарот на Црквата“
Во рамки на иницијативата во Великиот пост „24 часа за Господ“, папата Фрањо во петок 8 март 2024 во римската парохија Свети Пиј V ја предводеше покорничката богослужба, на која исповеда една група верници. Во својата проповед рече дека исповедта нè враќа на патот на новиот живот кој започна со крштението и ги охрабри исповедниците секогаш да им даваат прошка на оние што го бараат. „Да ја вратиме Божјото простување во центарот на Црквата“
Исповедта, Светата Тајна на Божјото простување, ни овозможува повторно да започнеме по патот на нов живот кој започна со нашето крштение – рече папата Фрањо за време на покорничката богослужба која ја предводеше во петок 8 март. Ова славење, кое се одржа во римската парохија Свети Пиј V, а во рамки на иницијативата во Великиот пост „24 часа за Господа“, која ја поттикна папата Фрањо, има за цел црквите да останат отворени во текот на денот за да им се овозможи на верниците време за молитва и исповед.
Одење во нов живот
Во своето размислување Папата се задржа на темата на овогодинешната иницијатива, која е „Одење во нов живот“. На овој пат од нашето секојдневие – истакна тој – често можеме да ја изгубиме од вид убавината на светиот живот што е во нас, со штетни последици за нашите односи со Бога и со другите. Кога сме зафатени со толку многу работи, дали размислуваме за Светиот Дух кој е во нас и нè носи? – праша Папата и објасни: Остануваме на нашиот пат, но ни треба нов патоказ, потребна ни е промена на ритамот, правец кој ќе ни помогне повторно да го најдеме патот на крштението, односно да ја обновиме нашата првобитна убавина, смислата да се оди напред.
Како можеме повторно да започнеме по патот на нов живот? Кој е патот во овој Велики пост и продолжување на патувањето? Тоа е патот на Божјото простување – истакна Светиот Отец. Божјото простување нè чисти одвнатре, враќајќи нè во состојбата на нашето повторно раѓање по крштението; ни го враќа животот и ни дава нов поглед. Сепак – забележа – за тоа треба да се има отворено и скрушено срце, како лепрозниот кој повика кон Исус: „Ако сакаш, можеш да ме осчистиш“. Нашите сопствени напори не се доволни. Само Бог го познава и го лекува срцето; само Тој може да го избави од злото. Тоа го посакува Господ, затоа што сака да бидеме обновени, слободни, среќни и способни да продолжиме по патот на нашиот нов живот.
Светата Тајна е основата на христијанскиот живот
Да не го жалостиме; да не ја одложуваме нашата средба со неговото простување, бидејќи само ако Тој не стави повторно на нозе, можеме да се вратиме на патот и да го видиме поразен нашиот грев, засекогаш избришан – истакна Папата. Да не го игнорираме Божјото простување, Светата Тајна на помирување, која не е само побожна пракса, туку и основа на христијанскиот живот.
Затоа, тој ги охрабри оние што ја делат Светата Тајна исповед да го вратат Божјото простување во центарот на Црквата. Ги охрабри исповедниците секогаш да им даваат прошка на оние што молат за тоа и да им помагаат на оние кои се плашат да ги исповедат своите гревови, со доверба да пристапат кон Светата Тајна на оздравување и радост.
Истакнувајќи на крајот дека Исус може да ги очисти сите наши стари, грди работи, папата Фрањо ги поттикна верниците да дојдат на исповед со молитвата: „Исусе, верувам дека можеш да ме очистиш. Верувам дека ми треба твоето простување. Обнови ме и јас повторно ќе чекорам во нов на животот“.
Ватикан њуз/к.мк