Папата во Помпеја: Бог нека ја смири братоубиствената омраза и нека ги просветли светските лидери
На светата Литургија во италијанскиот град Помпеја, папата Лав XIV потсети на многуте војни што ги мачат народите и се помоли Божјата изобилна милост да ги исполни нашите срца и светот со мир.
Папата Лав XIV ја одбележа првата годишнина од својот понтификат во петок, 8 мај 2026 годна, со посета на јужноиталијанските градови Помпеја и Неапол.
Папата служеше света Литургија на плоштадот пред Светилиштето на Богородица од Светата Бројаница и потсети дека бил избран за Папа на празникот на Богородица од Светата Бројаница од Помпеја.
„Затоа морав да дојдам тука, за да ја ставам мојата служба под заштита на Пресвета Богородица“, рече тој во својата проповед. „Покрај тоа, изборот на името Лав ме поставува на патот на Лав XIII, меѓу чии многубројни заслуги е и развојот на обемното учење за Светата Бројаница.“
Папата Лав се осврна на наследството на свети Бартоло Лонго и неговата сопруга, грофицата Маријана Фарнараро де Фуско, кои заедно ги поставиле темелите на Светилиштето во подножјето на Везув, каде што ерупцијата во 79 година по Христа закопала голема цивилизација.
Папата потсети и на зборовите на својот претходник, свети Иван Павле II, изговорени во Светилиштето во 2003 година, на крајот од Годината на Бројаницата.
„Денес, како и во времето на античка Помпеја“, рече папата Лав, цитирајќи го свети Иван Павле II, „неопходно е да се проповеда Христос на општество кое се оддалечува од христијанските вредности и дури го губи сеќавањето на нив“.
Осврнувајќи се на таинството на Благовештението, Светиот Отец истакна дека „Радувај се, Маријо“ е повик за радост, бидејќи зборовите на ангелот Гавриил ја потсетиле Марија дека Божјата милосрдна љубов, во Исус, дошла во нашиот свет ранет од гревот.
Пресвета Дева Марија, додаде тој, ја води Црквата по патот на прифаќањето на Исус, бидејќи нејзиното „Еве ме“ го донело Исус во светот и ја роди Црквата.
„Овој момент во историјата има нежност и сила што го привлекуваат срцето и го воздигнуваат до онаа созерцателна височина каде што се вкоренува молитвата на Светата Бројаница“, рече тој, потсетувајќи дека молитвата на Бројаницата е вкоренета во историјата на спасението.
Кога ја молиме Бројаницата, рече тој, ја обновуваме нашата љубов кон Бога, бидејќи сите дела на љубов кон Богородица нè враќаат кон Исус и нè водат кон Евхаристијата, која е извор и врв на целиот христијански живот.
„Бројаницата има маријански облик, но христолошко и евхаристиско срце“, истакна тој, потсетувајќи дека многу генерации христијани биле обликувани од Бројаницата.
Молитвата Бројаница, додаде Папата, е способна да достигне мистични височини, а истовремено содржи ризница од најсуштинската христијанска теологија.
„Зашто, што е поважно од Христовите таинства, од Неговото свето Име, изговорено со нежноста на девствената Мајка?“, рече тој. „Во тоа Име, и во никое друго, можеме да се спасиме.“
Папата Лав XIV продолжи, истакнувајќи дека Бројаницата ги насочува нашите срца кон потребите на светот, особено кон важноста на семејството и желбата за мир.
Тој потсети на многуте војни што сè уште се водат во нашиот свет, нагласувајќи дека тие бараат обновена посветеност, политичка и економска, но и духовна и религиозна.
„Мирот се раѓа во срцето“, рече Папата. „Не можеме да се помириме со сликите на смртта што вестите ни ги прикажуваат секој ден.“
Папата Лав ги повика сите да ја молат Бројаницата за мир, за Божјата сила на љубовта да го спаси светот.
„Преку нејзиното посредништво“, рече тој, „од Бога на мирот нека се излее изобилна милост, која ќе ги допре срцата, ќе ги смири огорченоста и братоубиствената омраза и ќе ги просветли оние што имаат посебни одговорности во управувањето.“
Ватикан њуз/к.мк

