Папата во Меделин се сретна со посветените лица

Папата во Меделин се сретна со посветените лица

На 9 септември 2017 година, папата Фрањо се сретна со околу 12.000 свештеници, монаси, монахињи, посветени лаици, богослови и нивните семејства во салата „Ла Макарена“ во Меделин, градот кој некогаш бил центар на моќниот дилер на дрога, Пабло Ескобар.

Светиот Отец во таа прилика ги осуди денешните дилери на дрога кои продолжуваат да ги уништуваат животите на голем број млади луѓе. Присутните ги повика да се молат за преобраќање на срцата на дилерите на дрога за да побараат прошка од Господ што ги уништиле животите на толку момчиња и девојки, и да ја придружуваат новата генерација на патот на преродбата и надежта.

Папата исто така ги допре и своите омилени теми: го предупреди клерот дека ѓаволот премногу често го пронаоѓа патот до нивните срца „преку нивните џебови.“ Корупцијата се шири на таков начин – предупреди папата Фрањо – никогаш немојте да се наврзувате на материјалните работи. Истакна дека не може да се служи на Бог и на богатството и ги поттикна никогаш да не ја искористат својата свештеничка или монашка положба и великодушноста на верниците за да постигнат материјални богатства или за да им се служи.

А во силната осуда на сексуалната злоупотрена од страна на свештениците, Папата остро го критикуваше „отровот на лагата и сокриените работи“, манипулирањето и злоупотребата на Божјиот народ, на најранливите членови на Божјиот народ, посебно старите и децата. Тој отров не смее да биде во нашите заедници – продолжи Светиот Отец – секоја гранка која не дава род мора да се отсече.

Папата Фрањо го заврши своето обраќање на присутните, потсетувајќи ги сите оние кои примиле духовен повик, никогаш да не ја заборават радоста со која мора да го живеат своето послание.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот