Папата во авионот за Алжир: „Не сум политичар, зборувам за Евангелието“

Папата во авионот за Алжир: „Не сум политичар, зборувам за Евангелието“

За време на летот кон Алжир, папата Лав одговараше на прашања поврзани со изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, истакнувајќи дека не е политичар и дека ќе продолжи јасно да зборува против војната, залагајќи се за мир и дијалог.

За време на краткиот лет до Алжир, папата Лав им се обрати на новинарите, како што налага традицијата на папските летови, одговарајќи на прашања за изјавите што американскиот претседател Доналд Трамп ги упати против него на социјалната мрежа „Truth Social“.

Папата нагласи дека својата служба не ја разбира како политичка улога. „Јас не сум политичар и не сакам да влегувам во дебата со него“, рече Светиот Отец.

Тој додаде дека пораката на Евангелието не смее да се злоупотребува и истакна дека ќе продолжи силно да зборува против војната, настојувајќи да промовира мир, дијалог и мултилатерализам меѓу државите, со цел да се најдат вистински решенија за проблемите.

„Премногу луѓе страдаат денес, премногу невини животи се изгубени и верувам дека некој треба да застане и да каже дека постои подобар пат“, рече Папата.

Потоа, Светиот Отец го повтори истиот повик со кој го започна својот понтификат: повикот на мир.

„Ова им го упатувам на сите светски лидери, а не само нему: да се запрат војните и да се промовираат мирот и помирувањето.“

Одговарајќи на прашање од американски новинар, Папата објасни дека не се плаши од администрацијата на Трамп, ниту од тоа јавно да ја проповеда евангелската порака, бидејќи токму тоа е неговото послание, а и посланието на Црквата.

„Ние не сме политичари“, рече тој. „Не ѝ пристапуваме на меѓународната политика од истата перспектива како државниците, но јас верувам во пораката на Евангелието, како миротворец.“

Постојана порака за мир

Мирот е една од главните теми на ова апостолско патување во четирите африкански земји. Папата Лав објасни дека ова патување е посебно по повеќе основи, меѓу кои и тоа што требало да биде првото патување од неговиот понтификат.

Тој ја изрази радоста што повторно може да ја посети земјата на Свети Августин, за кого рече дека претставува важен мост во меѓурелигискиот дијалог. Можноста да патува на местото каде што овој северноафрикански светец служел како епископ, за Папата е благослов, а истовремено и дар за Црквата и за светот, бидејќи човештвото секогаш е повикано да гради мостови на мир и помирување.

На крајот од обраќањето до новинарите, Папата ја истакна главната мисија на патувањето: да се продолжи напред со ист глас и со иста порака, во служба на мирот, помирувањето, почитта и грижата за сите народи.

На алжирско тло

Папскиот авион слета во главниот град Алжир, каде што папата Лав беше пречекан од претседателот на Народна Демократска Република Алжир, Абделмаџид Тебун.

По дождливо време, Светиот Отец се упати директно кон Салонот на честа на аеродромот, каде што едно девојче, облечено во традиционална носија, му подари цвеќе, по што почесната гарда ги изведе химните. По церемонијата на пречекот, папата Лав имаше кратка приватна средба со претседателот Тебун.

По приватната аудиенција, Светиот Отец се упати кон Макам еш-Шахид, Споменикот на мачениците, како прва станица од неговата дводневна посета на Алжир.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот