На 20 декември 2019 година, папата Фрањо го прими во аудиенција Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш. На крајот заедно снимија видео порака
Не можеме и не смееме да се свртуваме на другата страна или да ги затвориме очите пред раните на светот. Тие го повикуваат секој човек, барајќи од него да не остане рамнодушен – се зборовите на папата Фрањо од видео пораката која на 20 декември претпладне ја сними заедно со Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш. Нивната средба се одржа во деновите кои претходат на Божиќ, токму во оние денови кога погледите на луѓето се свртени кон Бог за да Му ги доверат луѓето и сутуациите.
Кризата на нашата планета
По средбата со Папата, Антонио Гутереш се задржа во разговор со државниот секретар кардинал Пиетро Паролин и надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите. Средбата е одржана – е истакнато во соопштението од Канцеларијата за печат на Светиот Престол – во пресрет на претстојната 75 годишнина на ООН. За папата Фрањо тоа беше прилика повторно да изрази почитување за ангажирањето на ООН за мирот во светот.
Соговорниците се осврнаа на процесот на остварувањето на целите за одржлив развој и на кризата на мултилатерализмот, кои посебно се покажуваат во тешкотиите во решавањето на некои актуелни проблеми, како што се миграцијата и трговијата со луѓе, климатските промени и разоружувањето. Освен тоа се разговараше за актуелните конфликти, општествената нестабилност и големите хуманитарни кризи – стои во соопштението на Канцеларијата за печат на Светиот Престол.
Не можеме сами да се спасиме
Не можеме сами да се спасиме – започна Папата во видео пораката снимена заедно со Генералниот секретар на ООН. Од таа свесност произлезе „благодарноста“ на Папата која ја изрази за целото добро кое постои во светот, за мноштвото луѓе кои бесплатно се ангажираат вложувајќи го својот живот во градењето на похумано и поправедно општество. Не можеме, не смееме да се свртиме на другата страна пред неправдите, неднаквостите, скандалот со гладот во светот, сиромаштвото и децата кои умираат затоа што немаат вода, храна и потребната нега – рече Папата.
Заедно да се бориме против злото на злоупотребата
Исто така треба да се ангажираме пред било каков вид на злоупотреба на најмалите. Сите заедно мора да се бориме против тоа зло – истакна Папата мислејќи на раната која е во центарот на неговите грижи, а посебно беше во текот на ова 2019 година. Папата Фрањо освен тоа, бара да не се затвораат очите пред нашите браќа кои заради конфликти, беда или климатските промени ја напуштаат својата земја, често одејќи во пресрет на тажни судбини. Станува збор за мигрантите за кои често имаше силни зборови и гестови.
Напади на човечкиот живот
Не смееме да останеме рамнодушни ниту пред човечкото погазено и искористено достоинство, пред нападите на човечкиот живот, без разлика дали тој кој треба да се роди или оној на секој човек на кој му е потребна нега – рече Папата и така потсети на своите силни зборови изговорени за децата во мајчината утроба, за старите луѓе и за болните.
„Не“ за искористувањето на религијата со цел насилство и нуклеарно оружје
Во срцето на Папата исто така се луѓето прогонети на повеќе страни на светот, како и сѐ што би можело да го уништи човечкиот живот. Вика во небото употребата на религијата за поттикнување на омраза, насилство, угнетување, екстремизам и слеп фанатизам, како и за принудување на прогонство и маргинализација. Но вика во небото и трката за вооружувањето и повторното нуклеарно вооружување – истакна Папата.
Неморална е – додаде – не само употребата, туку и поседувањето на нуклеарното оружје. Тие зборови потсетуваат на неговата желба, изразена на конференцијата за печат во авионот на враќање од Јапонија, таа свест да влезе во Катехизмот на Католичката Црква. Толку е уништувачко – објасни – што дури и самата опасност од некој непредвиден настан е мрачна закана надвисната над човештвото. Поттикот да не останеме рамнодушни се однесува и на голем број војни кои и понатаму се водат и во кои гинат голем број недолжни луѓе.
Потребен е мултилатерализам и дипломатија
За да се изгради мирен свет преголема е потребатаод доверба во дијалогот меѓу поединци и нации, во мултилатерализмот, во улогата на меѓународните организации, накратко во дипломатијата како средство за договор – рече Папата и упати серија конкретни поттикнувања.
Младите бараат сеачи на мирот
Се препознаваме како членови на еден единствен човечки род – поттикна Папата – и да се погрижиме нашата Земја која Бог од генерација на генерација ни ја доверува на чување, да ја негуваме и да ја оставиме во наследство на своите деца. Во таа смисла, Папата истакна, дека итно е потребно ангажирање во намалувањето на испуштањето на загадените честички и за целосна екологија. Да направиме нешто пред да биде премногу доцна – поттикна Папата.
Да го слушнеме гласот на големиот број млади кои ни помагаат да станеме свесни за сето тоа што денес ни се случува во светот, и кои бараат од нас да бидеме сеачи на мирот и градители и тоа заедно, а не сами, на похумана и поправедна цивилизација. Божиќ во својата вистинска едноставност нѐ потсетува дека љубовта е таа што во животот е навистина важно – рече папата Фрањо.
Гутереш: Заедно за мир и хармонија
Во овие бурни и тешки времиња мора заедно да бидеме за мирот и хармонијата – рече Генералниот секретар на ООН Антониот Гутереш и изрази благодарност на папата Фрањо за неговото ангажирање за намалувањето на страданието и за промовирање на достоинството. Тој ја истакна и потребата за заштита на нашиот заеднички дом, а осврнувајќи се на овие празнични денови и на празникот Божиќ, изрази тага заради тоа што христијанските заедници некои и меѓу најстарите во светот не можат да го прослават во сигурност. Мора да направиме повеќе за да го промовираме взаемното разбирање и да се соочиме со сè поголемата омраза – истакна Гутереш.
Ватикан њуз/к.мк