Папата: Ватикан се обврзува до 2050 година емисијата на стакленичките гасови да ја сведе на нула
Во сабота 12 декември 2020 година папата Фрањо ги повика земјите во светот да работат на постигнување нулта стапка емисија на стакленички гасови и вети дека Ватикан, најмалата земја на светот, ќе ја постигне таа цел до 2050 година.
Папата Фрањо, кој се залага за заштита на животната средина од неговиот избор во 2013 година, на ОН самитот за клима рече дека Ватикан ќе го направи својот дел во борбата против климатските промени.
„Сегашната пандемија и климатските промени, кои не се важни само за животната средина, туку и етички, социјално, економски и политички, првенствено влијаат на животот на најсиромашните и најранливите“ – рече тој во видео пораката до Самитот.
„Со воведување на некои мерки што повеќе не можат да се одложуваат, потребна е стратегија за намалување на емисиите на нула“ – порача папата Фрањо.
Ватикан се обврзува да ја „намали нето стапката на емисии на стакленички гасови на нула до 2050 година“, засилувајќи ги напорите за управување со животната средина, промовирајќи рационално користење на природните ресурси како што се водата и посадување дрвја, рече Папата.
Ватикан соопшти дека продолжува со плановите за замена на сите возила на фосилни горива со електрични или хибридни.
Оваа мала држава започна да инсталира соларни панели во 2008 година, а минатата година забрани пластични кеси за еднократна употреба. Сега рециклира 65 проценти од својот отпад и има намера до 2023 година да го зголеми учеството на рециклиран отпад на 75 проценти.
Во своето обраќање, папата Фрањо истакна дека Светиот Престол во католичките училишта и на други места ќе промовира „образование за интегрална екологија“ со цел да се поттикне развојот и одржливоста на економски политики, кои ја почитуваат животната средина.
Во 2015 година, Папата ја објави енцикликата „Лаудато си“ посветена на потребата од заштита на природата. Во енцикликата се дава поддршка на научните докази дека човечкото дејствување е одговорно за глобалното затоплување.
Ватикан њуз/к.мк