Папата Лав служeшe Вечерна во Домус Австралија, духовен дом за австралиските ходочесници во Рим
Во пресрет на празникот на Пресвета Богородица од Бројаницата, папата Лав XIV служеше Вечерна во Домус Австралија во Рим – црковен пансион што првенствено ги сместува австралиските и англиско говорните ходочесници и туристи.
Првично основан како резиденција на маријанските отци, Домус Австралија беше стекнат кон крајот на 2000-тите од Сиднејската надбискупија, со поддршка од други австралиски епархии. Официјално беше инаугуриран во 2011 година од папата Бенедикт XVI како духовен дом за австралиските ходочесници во Рим.
Прославата во Рим привлече голем број верници кои го поздравија папата Лав XIV со извици „Viva il Papa!“ и аплауз. Многумина се собраа со своите деца покрај прозорците по улиците. Во капелата на Домус Австралија, посветена на Богородица од Помпеја, се собраа членови на австралиската католичка заедница во Рим, на кои им се придружи и кардиналот Рејмонд Лео Бурк.
За Вечерната, папата Лав XIV влезе во црквата и застана пред Пресветата Олтарска Тајна. Хорот „Градуалија Консорт“ од Лондон го пречека со изведба на „Tu es Petrus“.
Порака на надеж од Марија
Во својата проповед, папата Лав XIV се осврна на улогата на Дева Марија во контекст на Јубилејната година, која ја опиша како време исполнето со надеж. „На посебен начин, Марија ја оствари надежта преку својата доверба дека Бог ќе ги исполни Своите ветувања“, рече Папата. „Таа надеж ѝ даде сила и храброст доброволно да го посвети својот живот на Евангелието и целосно да се предаде на Божјата волја.“
Папата потсети дека Воплотувањето најнапред се случило во срцето на Марија, пред да се случи во нејзината утроба. Бог не доцни, рече Папата, туку човекот е повикан да се учи трпение и доверба. „Божјото време е секогаш совршено.“
Отворање на нашите срца
Папата Лав XIV нагласи дека Бог не само што го избавува човештвото од гревот, туку и ги отвора срцата, за човекот – како Марија – да може да каже „да“ на Неговиот повик. Преку крштевањето, сите стануваат Божји чеда.
Цитирајќи го Свети Августин, Папата рече: „Бог нè создаде без нас, но нема да нè спаси без нас.“ Ги повика верниците да бидат активни соработници во Божјиот план на спасението, живеејќи со верност, доверба и благодарност.
На крајот, Папата ги повика верниците заедно со Марија да молат Магнификат. „Кога го правиме тоа“, рече тој, „да размислуваме како Марија, вистинската ќерка Сионска, се радуваше во Бога, својот Спасител, затоа што ги гледаше благодатите што ѝ беа дадени и како Бог останува верен на Авраам и на неговите потомци во вечноста.“
Духовен дом за Австралијците
Од своето отворање, Домус Австралија нуди секојдневна света Литургија на англиски јазик, заедно со евхаристиско обожавање и сакрална музика. При неговото осветување во 2011 година, папата Бенедикт XVI изрази надеж дека австралиските ходочесници „ќе се вратат во своите домови со зајакната вера, поголема надеж и подлабока љубов.“
Ватикан њуз/к.мк