Папата Лав XIV го обнови својот апел за мир, молејќи се Бог да ги води светските лидери кон праведен и траен мир. Истовремено, тој охрабри култура на грижа за болните и ги поздрави ходочесниците собрани во полското богородично светилиште Пјекари.
Во сабота вечер, 30 мај 2026 година, кај Лурдската пештера во Ватиканските градини, папата Лав XIV ја предводеше молитвата Света Бројаница и молеше за застапништво на Пресвета Дева Марија, да го измоли „дарот на мирот“, кој само Господ може да го даде. Во Ватикан му се придружија околу 2.000 луѓе, додека уште 100.000 верници учествуваа од далечина, од 200 богородични светилишта низ целиот свет.
Денес, на последниот ден од мај, Папата повторно се осврна на темата за мирот за време на молитвата Ангел Господов на плоштадот „Свети Петар“, каде што се собраа повеќе од 20.000 луѓе. Уште еднаш, тој повика на молитва за мир.
„Во текот на целиот месец мај, целата Црква упати обединета молитва за мир. Преку Бројаницата, особено, како непрекинат синџир, верниците ги доверија на застапништвото на Дева Марија народите опустошени од војна. Нека божествената Мудрост ја просветли совеста на оние што имаат власт и нека ги насочи нивните одлуки за искрена потрага по праведен и траен мир.“
Ден на помошта: промовирање култура на грижа
Папата Лав XIV истакна и дека во Италија се одбележува 25. Ден на помошта, кој оваа година се одржува под мотото: „Јас се грижам“.
„Близок сум до оние што се болни и до сите што се грижат за нив. Им благодарам и ги охрабрувам сите што помагаат да се шири култура на блискост и грижа.“
Иницијативата има за цел да ја подигне свеста за важноста на ублажувањето и на физичкото и на емоционалното страдање. Посебно внимание се посветува на палијативната нега, справувањето со болката, хуманизацијата на здравствената грижа и обуката на волонтери кои ги поддржуваат пациентите и нивните семејства.
Поздрав до ходочесниците во Полска
Меѓу групите што ги поздрави по молитвата Ангел Господов, Папата им се обрати и на учесниците на годишното ходочестие во богородичното светилиште во Пјекари, Полска, каде што Марија се почитува како Мајка на социјалната правда.
Светилиштето е центар на маријанска побожност уште од XVII век. Според локалната традиција, секој мај се одржува големо ходочестите за момчиња и мажи, кое привлекува десетици илјади учесници, додека соодветното ходочестие за девојки и жени се одржува во август.
Ватикан њуз/к.мк

