Еден ден по беатификацијата на блажениот Флорибер Бвана Чуи, папата Лав XIV потсети на неговиот пример на вера во Бога и градење мир, и се помоли блажениот наскоро да го донесе „долгоочекуваниот мир во Киву, во Конго и во цела Африка.“
Во понеделник, 16 јунни 2025 година, папата Лав XIV ја истакна светоста и побожноста на новоблажениот Флорибер Бвана Чуи.
„Овој африкански маченик, од континент богат со младост, покажува како младите можат да бидат квасец на мирот – ненасилни и разоружани. Овој конголски мирјанин ја нагласува драгоцената вредност на сведоштвото на мирјаните и младите,“ рече Светиот Отец.
Папата ова го изјави во своето обраќање до ходчесниците во Рим, по повод беатификацијата на Флорибер, која се одржа во неделата вечер во базиликата „Свети Павле надвор од ѕидините“.
Во своето размислување, Папата го постави прашањето:
„Од каде најде сила еден млад човек да одолее на корупцијата – толку вкоренета во преовладувачкиот начин на размислување и способна за секакво насилство?“
„Одлуката да ги задржи рацете чисти – како цариник – произлегуваше од совеста оформена преку молитва, слушање на Божјото Слово и заедништво со браќата и сестрите,“ нагласи тој.
Духовноста на Свети Егидиј
Папата Лав XIV истакна дека блажениот Флориберт живеел согласно духовноста на Заедницата на Свети Егидиј, која, како што потсети, покојниот папа Фрањо ја сумирал во три клучни поими: молитва, сиромашни и мир.
Потсетувајќи дека сиромашните заземаат централно место во животот на новиот блаженик, Папата нагласи дека Флориберт се посветил на служење и близина со децата од улица, кои поради војната биле протерани во градот Гома, многумина од нив презрени и сиромашни.
„Ги љубеше со Христовата милосрдност“, рече Папата. „Се грижеше за нив и беше посветен на нивната човечка и христијанска формација.“
Светиот Отец со восхит забележа дека духовната сила на Флориберт растела преку верноста кон молитвата и љубовта кон сиромашните, и дека тој бил човек на мирот.
Го слушаше Исусовиот глас
„Во регион како Киву, длабоко погоден од насилство,“ истакна Папата, „тој ја продолжи својата борба за мир со благост и кроткост, служејќи им на сиромашните и практикувајќи пријателство и дијалог во поделеното општество.“
Овој млад човек, кој не се помируваше со злото – нагласи Светиот Отец – „го хранеше својот сон со зборовите од Евангелието и со близината до Господ. Многу млади луѓе се чувствуваа напуштени и обесхрабрени, но Флориберт ги слушаше Исусовите зборови: ‘Нема да ве оставам сираци; ќе дојдам кај вас’ (сп. Иван 14,18).“
Молитва за мир во Киву, Конго и цела Африка
Имајќи го сето ова предвид, Папата Лав подвлече: „Ниту една земја не е напуштена од Бог!“, потсетувајќи на длабоката вера и доверба која блажениот ја имал во Господ и во иднината.
Папата ја заврши својата порака со молитва, преку застапништвото на Пресвета Богородица и на блажениот Флориберт, „долгоочекуваниот мир конечно да се излее врз Киву, врз Конго и врз целата Африка!“
Ватикан њуз/к.мк