Папата: Бидете мајки во свет кој е глув за оние кои страдаат

Папата: Бидете мајки во свет кој е глув за оние кои страдаат

Папата Фрањо во четврток 11 јануари 2024 година ја прими делегацијата на маријанската молитвена мрежа „Стражари на светото семејство“, формирана пред десет години во Белгија, а сега распространета низ целиот свет, посветена на секојдневната молитва на Пресвета Богородица за Црквата и за светот

„Ја ценам едноставноста и понизноста на вашето движење“, рече најпрво Папата, додавајќи дека навидум обврската што се бара од „стражарките“ – секојдневна молитва на десетка од Бројаница – изгледа мала во очите на луѓето, но е голема во Божји очи, „ако тоа се прави верно со тек на времето, со вера и ревност и во духот на заедништво меѓу вас“. Бог го сака она што е мало и плодоносно, истакна Папата.

Движењето е составено од жени, што го „осветлува“ нивниот „специфичен и незаменлив повик во Црквата, по примерот на Дева Марија“.

„Не само што ѝ се молите на Пресвета Богородица, барајќи од неа застапништво, туку сте и подготвени да се усогласите со неа, со нејзиното мајчинство, да се придружите на нејзината молитва за застапништво како мајка за сите деца на Црквата и светот. Значи, без разлика на вашата животна ситуација, со Марија сите сте мајки“, истакна Папата.

Првото нешто што го карактеризира примерот на Марија, што го наследуваат „стражарките“ е погледот што го насочуваат кон другите и кон реалностите на светот. Нивниот поглед нека биде како на Марија, мајчински, трпелив, полн со разбирање и сочувство, ги охрабри Папата и ги повика тоа да не го прават само во улогата на „стражарки“, туку и во секојдневниот живот.

Осврнувајќи се на тоа како Марија внимавала и ги чувала настаните во своето срце, Папата рече дека во нејзините молитви „стражарките“ веројатно носат болни ситуации – без разлика дали се лични или туѓи. Тие ги носат наканите на светот кој е полн со конфликти, насилство и рамнодушност. „Сето ова може да доведе до недоразбирања и обесхрабрување. Но, Марија, гледајќи го малиот Исус како страда во сиромаштво, не се обесхрабрува и не се жали. Таа молчи; настаните ги чува во срцето и ги размислува“, потсети Папата. „Мајките го прават тоа: знаат како да ги надминат пречките и конфликтите, знаат како да создадат атмосфера на мир. Така успеваат да ги преобразат неволјите во можности за повторно раѓање и раст“.

На крајот, Папата истакна дека на светот му е потребна нежност повеќе од кога било. „Светот денес понекогаш е суров, немилосрден, глув и рамнодушен кон страдањата и потребите на другите. Марија беше нежна со Исус; а таква е и за Црквата и за светот“.

На крајот од своето обраќање Светиот Отец ги охрабри „Стражарките на Светото семејство“ храбро да продолжат со својата работа и посака нивниот раст – бројчано и географски – да не ја промени нивната едноставност и маленост на срцето.

Ватикан њуз/к.мк

За авторот