На крајот од Генералната аудиенција, во среда 30 септември 2026 година, папата Лав XIV упати апел до сите страни во регионот Тиграј да ги прекинат непријателствата, нагласувајќи дека само искрената посветеност на дијалогот може да ги постави темелите за траен мир.
Папата Лав XIV рече дека „со длабока загриженост“ ја следи ситуацијата во Тиграј, регион во Етиопија, како и во соседните области Афар и Амхара, „каде што повторно избувнаа непријателства“.
На крајот од Генералната аудиенција, пред поздравот до верниците на италијански јазик, Светиот Отец на англиски упати апел до сите страни вклучени во конфликтот:
„Искрено апелирам до сите страни да го изберат патот на дијалогот. Вооружениот конфликт никогаш не ги решава проблемите, туку само ги влошува, оставајќи зад себе трага од смрт, уништување и огорченост. Само искрената посветеност може да ги постави темелите за траен мир.“
Папата изрази и „горлива надеж“ дека меѓународната заедница ќе даде „великодушен и навремен придонес“, за неопходната хуманитарна помош да стигне до сите на кои им е потребна.
Ситуацијата во Тиграј
Ситуацијата во Тиграј станува сè понапната. Во последните часови, Народноослободителниот фронт на Тиграј (TPLF), главната политичка сила во регионот која се бореше против федералната влада за време на војната во Тиграј од 2020 до 2022 година, и Тиграјските одбранбени сили (TDF) ги засилија судирите со етиопските вооружени сили.
Пријавени се повеќе судири долж реката Текезе, западно од Тиграј, во областа Волкајт, на границата со регионот Афар и во различни делови од Амхара.
Борбите се прошируваат
Бројот на жртви сè уште не е независно потврден. Според етиопската армија, околу 700 тиграјски борци наводно биле убиени во текот на два дена.
„Лекари без граници“ соопштија дека меѓу 22 и 25 септември повеќе од 400 ранети лица биле примени во болниците во Корем и Аламата, додека уште околу 300 биле примени во болниците во Сухул и Шајр, во северозападниот дел на Тиграј.
Во областите најтешко погодени од конфликтот, доставувањето хуманитарна помош останува многу отежнато. Голем број патишта се отсечени, а во северните делови интернетот и телефонските врски се целосно прекинати, што дополнително ја усложнува координацијата на хуманитарните активности.
Етиопската влада ја обвинува соседна Еритреја дека ги поддржува TPLF и други опозициски сили, додека еритрејските власти категорично негираат каква било вмешаност во ескалацијата на насилството.
Во меѓувреме, Европската Унија ја оцени ситуацијата дека брзо се влошува, и политички и воено, и најави итни дипломатски и хуманитарни активности со цел да се спречи натамошното ширење на конфликтот, кој се заканува да го дестабилизира поширокиот регион.
Ватикан њуз/к.мк

