Осврт кон енцикликата Светло на верата (Lumen fidei)

Енцикликата Светло на верата (Lumen fidei) е посветена на верата и е замислена како еден од главните документи на Папата во Годината на верата.

Префектот на Епископската Конгрегација кардинал Марк Уелет, префектот на Конгрегацијата за наука и вера Герхард Лудвиг Милер заедно со претседателот на Папскиот совет за Нова евангелизација Рино Физикела на 5 јули ја претставија првата енциклика на папата Фрањо Светло на верата (Lumen fidei), објавена само по 4 месеци од изборот на кардинал Бергољо за Папа. Енцикликата ја најави самиот Папа на 13 јуни пред членовите на Секретаријатот на Епископската синода. На екцикликата, како што истакнува самиот Папа во воведот, работеше неговиот предходник Бенедикт XVI во текот на последните месеци од својот понтификат. Тоа требаше да биде третата и последна енциклика на папата Ратцингер во низата енциклики посветени на трите богословни крепости. Првата „Бог е љубов“ (Deus caritas est) е посветена на каритативната дејност, втората „Спасени во надежта“ (Spe salvi) на надежта. Третата која е посветена на богословните крепости на верата папата Ратцингер ја предаде на својот наследник Фрањо, кој ја доби во наследство, и таа голема работа ја продолжи и доврши, ограничувајќи се на пишување на воведот во кој го објаснува постанувањето и целта на енцикликата. Енцикликата, која ја потпиша папата Фрањо, е замислена како еден од главните папски документи за Годината на верата. Засега е печатена во 500.000 примероци.

Енцикликата на 88 страни донесува дијалог меѓу верата и разумот, поделена во четири глави. Потпишана е на празникот Свети Петар и Павле, 29 јуни 2013 година. Светло на верата, пишува Папата, е одговор на темнината и сомнежите на современиот човек. Тоа е светло кое често изгледа илузорно, светло кое треба одново да се открие и навести на целиот свет во време кога на човекот тоа му е посебно потребно, се вели во енцикликата, во која се анализира и односот на верата и вистината, дијалогот на верата и разумот и трагањето на човекот по Бог, пренесување на верата во општеството, зошто „верата не е нешто приватно, ниту индивидуално сфаќање, ниту пак субјективно мислење“. Со традиционалниот израз „светло на верата“ Црквата го означува – како што се вели на почеток на енцикликата – големиот Исусов дар.

Малку по малку, забележува Папата, дојде до тоа верата да се поврзе со темнината. Ги имаше тие кои сакаа да ја зачуваат, правејќи за неа простор за да би можела да опстои заедно со светлото на разумот. Просторот за вера се отвораше онаму каде разумот не можеше да допре со својата светлина, таму каде човекот повеќе немаше сигурност, носен од слепите чувства; или пак како некое субјективно светло кое може да внесе топлина во срцето, да донесе поединечна утеха, но кое не може да се понуди на другите како објективно и заедничко светло кое може да го осветли патот. Малку по малку се виде дека светлото на автономниот разум не успева во доволна мерка да ја осветли иднината, на крајот таа останува обвиена со темина и го остава човекот во страв од непознатото. И така човекот се одрече од трагањето по големото светло, една голема вистина, за да се задоволи со малите светла кои просветлуват краток момент, но не се способни да го отворат патот. Кога нема светло, се постанува матно и нејасно, не може да се разликува доброто од лошото, патот кој води кон целта – од патот на кој изгубени, постојано се вртиме во круг.

Неопходно е потребно, продолжува Папата, повторно да се открие значењето на големото светло на верата, зошто кога неговиот пламен ќе се изгаси тогаш сите останати светла на крајот на краиштата ќе ја изгубат силата на својата светлина. Светлото на верата поседува, единствен белег, бидејќи е способно да го просветли целиот човечки живот. За да биде некое светло толку силно, тоа не може да произлегува од нас самите, туку мора да доаѓа од врутокот на изворот, во конечноста, од Бога. Верата се раѓа во средбата со живиот Бог, кој нè повикува и ни ја открива својата љубов, љубов која ни предходи, и на која можеме да се потпреме како на цврста подлога и да го градиме животот. Преобратени со таа љубов стекнуваме нов поглед, гледаме со други очи, стануваме свесни дека во неа е содржана полнината на големото ветување и дека нашиот поглед се вперува кон иднината. Верата, која ја примаме од Бог како натприроден дар, се појавува како светло на патот, светло кое ни претставува патоказ на нашиот животен пат. Од една страна, таа потекнува од минатото, тоа е светло на еден изворен спомен, спомен на Исусовиот живот, каде се очитува неговата потполно верна љубов, способна да ја победи смртта. Истовремено, меѓутоа, бидејќи Христос воскресна и нè привлекува од крајот на границата на смртта, верата е светло кое доаѓа од иднината, кое пред нас ги отвара хоризонтите и нè води надвор од нашето изолирано „јас“ кон ширината на заедништвото – пишува Папата.

Папата Фрањо во енцикликата подолго се осврнува и на поимот на идолопоклонствата и наведува како наместо вера во Бог, луѓето попрво ги слават идолите. Папата притоа ја цитира дефиницијата за идолопоклонство на Мартин Бубер: идолопоклонство е „кога едно лице се обраќа со потполно поверение на лице кое не е лице“. Наместо верата во Бог, луѓето попрво се поклонуват на идолите, чиј извор е познат бидејќи се наша ракотворба. Пред идолот човекот не се впушта во ризикот на можноста да му биде упатен повик кој ќе го повика да излезе од својата сигурност. Идолот, истакнува Папата, е само изговор да се ставиме самите себе во центарот на стварноста, поклонувајќи се на делото на своите раце. Губејќи го својот темелен ориентир, кој дава единство на неговиот живот, човекот се распрашува во мноштвото на своите желби, одрекувајќи се од чекањето на времето на ветување, распаѓајќи се во илјадници моменти во својата историја. Поради тоа идолопоклонството секогаш е политеизам, бесцелно лутање од еден господар до друг. Идолопоклонството не нуди еден пат, туку мноштво патеки, кои не водат кон точно определена цел, туку полесно прават лавиринти. Тој кој не може да се надева на Бог мора да ги слуша гласовите на многуте идоли кои му викат: „Надевај се на мене“. Верата, бидејќи е поврзана со преобраќање, е спротивна на идолопоклонството, таа е одвојување од идолите и враќање кон живиот Бог, по пат на едена лична средба. Да се верува значи да се надеваш на една милосрдна љубов која секогаш прифаќа и опростува, која го потпира и усмерува животот, која се покажува моќна во својата способност да ги исправи застранувањата во нашиот живот. Верата се состои во човековата расположеност да дозволи секогаш одново да биде преобратуван од Божијот повик. Еве парадокс: во постојаното обраќање кон Господа, човекот наоѓа постојан пат кој го ослободува од бесцелното лутање на кои го изложуваат идолите – истакнува Папата.

Папата Фрањо потоа говори за односот меѓу верата и вистината, и ги осудува сите облици на тоталитаризам. „Верата без вистина не спасува“ туку се претвара во убава бајка. Да се потсетува на врската меѓу верата и вистината – спрема верувањето на Папата –  денес е попотребно отколку било кога. Во современата култура луѓето се склони да ја прифаќаат како вистина само онаа технолошката. На Големата вистина се гледа со сомневање. Со таа замислена вистина големите тоталитаристи на минатиот век ја наметнаа сопствената вистина на глобалното поимање, сакајќи да ја уништат конкретната историја на индивидуата. Логично е дека по таа перспектива се сака да се уништи и врската на религијата со вистината, зошто таа врска – спрема тие тврдења – е корен на фанатизмот, со која сакаат да ги победат оние кои не го прифаќат одреденото верување.

Сржта на енцикликата е непоколебливото сведоштво на верата во сите општествени средини. Се плашиме од заедничкото верување, зошто го идентификуваме како упорно наметнување на тоталитаризам, тврди папата Фрањо, и истакнува дека таа вистина е вистината на љубовта и како таква таа е ослободена од затворање на поединецот и може да стане дел од заедничко добро, таа не се наметнува со сила. Спрема ова, тоа не е вистина која не го уништува поединецот.

„Во единство на верата и љубовта, надежта нè усмерува кон сигурна иднина, која нè става во сосема поинакви перспективи од оние илузорни предлози на идолите во светот, и ни дава нов елан и нова сила во секојдневниот живот“, ја заклучува папата Фрањо својата прва енциклика посветена на светлото на верата и ги повикува верниците да не дозволат да биде украдена надежта. „Да не дозволиме со непосредните решенија и предлози да ја уништат надежта и нè запрат на нашиот пат“ пишува Папата.

Извор: РВ/превод: И.П.

Категорија: Колумни

За авторот

Write a Comment

<