Во недела 15 октомври 2023 година во парохиската сала на црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица се одржа првата, од серијата трибини за богородичните светилишта во организација на Деканатот Свети Кирил и Методиј при Струмичко – скопската епархија и Радио Марија и во соработка со парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица. На трибината присуствуваше и Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. д-р Киро Стојанов.
Трибината започна со молитва и музичка точка во изведба на млади од парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ под водство на Томе Васиќ, а трибината ја модерираше Данче Ичева.
Во исполнетата сала на првата трибина зборуваше протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов за светилиштето Мајка Божја Утешителка – Паљурска, кој воедно е и ректор на ова светилиште. На самиот почеток тој го објасни терминот ходочесник и светилиште при што истакна дека светилиштето е место кое се посетува за искажување на литургиско односно Евхаристиско славење; молитви, прозби и благодарности, како и за покајание, исповед и покора, а вообичаено е поврзано со чудо, мошти (реликвии) и традиција на посета од верници.
Осврнувајќи се на Паљурци истакна дека во Македонија за национално светилиште е прогласено Мајка Божја Утешителка – Паљурска, Паљурци кое е воздигнато од Н.В.П. монс. Епифаниј Шанов во 1908 година, а возобновено во 2018 година од Н.В.П. монс.д-р Киро Стојанов.
Паљурци не може да остане необновено, чудото кое се случи за време на молитвата во јули 2022 година, а беше пренесено и преку порталот katolici.mk, засновано и потврдено од присутните очевидци е предизвик за сите – рече отец Зоран И. Стојанов.
Осврнувајќи се на предавањето епископот Стојанов ја истакна важноста од одржувањето на вакви трибини, а посебно го истакна неговото задоволство што на оваа трибина посебно се зборува за светилиштето во Паљурци при што ги спомена феномените кои се случија во изминативе години, но и побара од отец Зоран да каже нешто повеќе за местото каде што била парохиската црква во Паљурци, односно за феноменот што таму и по повеќе од сто години напролет цвеќиња ги оцртуваат темелите на црквата.
Во оваа прилика епископот Стојанов ги информира присутните дека на 29 октомври, во месецот на Светата Бројаница, ќе се одржи ходочестие во Паљурци.
Во рамки на дискусијата следуваа и други интересни и корисни прашања на кои отец Зоран И. Стојанов даде свои видувања.
Трибината заврши со благослов од епископот Стојанов, по што следуваше заедништво и дружење во парохиската сала.
Следната трибина за богородичните светилишта ќе се одржи во сабота 28 октомври 2023 година со почеток во 18.00 часот во парохиската сала на црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица, на која м-р Данче Ичева ќе зборува за светилиштето Лурд во Франција.
Ватикан њуз/к.мк