Објавени се мотото и логото за патувањето на Папата во Азија и Океанија

Објавени се мотото и логото за патувањето на Папата во Азија и Океанија

Папата Фрањо од 2 до 13 септември 2024 година ќе престојува во Индонезија, Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур. Верата, надежта, братството и молитвата се темите во центарот на патувањето

Вера, молитва, сочувство, братство, хармонија, надеж; се теми кои се појавуваат во мотото и логоата за Апостолското патување – најдолго во понтификатот – на кое ќе биде папата Фрањо од 2 до 13 септември, а ќе ги посети и Индонезија, Папуа Нова Гвинеја, Источен Тимор и Сингапур. Канцеларијата за печат на Светиот Престол ги објави логоата на, 8 мај.

Индонезија

Логото за етапата во Индонезија како главен елемент го прикажува папата Фрањо пред амблемот на златниот Гаруда, светиот орел, репродуциран на начин кој потсетува на традиционалната ткаенина „батик“, со картата на Индонезија, архипелаг карактеризиран со голема разновидност на етнички и социјални групи, јазици, култури и верски уверувања. На десната страна, под името и грбот на Папата, се наоѓа знамето на Индонезија, името на државата, датумот на патувањето и на крајот мотото на посетата на Папата: FaithFraternityCompassion (ВераБратствоСочувство).

Папуа Нова Гвинеја

Логото за патувањето во Папуа Нова Гвинеја се карактеризира со три елементи: крстот е прикажан во средината во бои кои потсетуваат на изгрејсонцето и зајдисонцето на земјата и ја претставува единствената Жртва што ги отвора портите на рајот; рајската птица, симболичен елемент на Папуа Нова Гвинеја, со боите на националното знаме, е нацртана на крстот; на левата страна на крстот е мотото за Апостолското патување: „Молете се“, вдахновено од молбата на учениците до Исус „Господи, научи нè да се молиме“ (Лука 11,1).

Источен Тимор

Ликот на папата Фрањо со крената рака во знак на благослов, како симбол на заштитата што Тиморскиот народ ја добива од Бога за време на Апостолското патување, е сликата во центарот на логото за патувањето во Источен Тимор. Зад папата е прикажан глобус од кој во преден план излегува картата на Источен Тимор. Над сето тоа е напишано мотото за посетата на Папата: „Que a vossa fé seja a vossa cultura“ (Нека твојата вера биде твоја култура), поттик и охрабрување да се живее верата во склад со културата, според традициите на Тиморскиот народ. .

Сингапур

Што се однесува до логото за патувањето во Сингапур, на него се наоѓа стилизиран крст инспириран од ѕвездата што ги водела мудреците, Евхаристијата и петте ѕвезди на националното знаме. Лево и десно од крстот е мотото за посетата на Папата: „Единство – Надеж“. „Единството“ изразува заедништво и хармонија меѓу верниците, како во Црквата, така и во контекст на општеството и семејните односи. „Надежта“ означува дека Апостолското патување ќе биде светилник на надеж за христијаните во регионот, особено за оние кои се дискриминирани и прогонувани. Боите потсетуваат на знамето на државата Ватикан. Под мотото е името на папата Фрањо заедно со името на земјата и годината на посетата, испишани со црвена боја на бела позадина, во боите на знамето на Сингапур.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот