Објавени се логото и мотото на патувањето на папата Лав XIV во Шпанија

Објавени се логото и мотото на патувањето на папата Лав XIV во Шпанија

Канцеларијата за печат на Светиот Престол ги објави официјалните лого и мото, „Подигнете ги очите“, преземено од Евангелието според Иван, кои ќе ја придружуваат посетата на Папата на Мадрид, Барселона и Канарските Острови.

Логото на апостолското патување на папата Лав XIV во Шпанија, кое ќе се одржи од 6 до 12 јуни годинава, содржи виножитни бои што ги опкружуваат стилизираните кули на базиликата „Саграда Фамилија“, при што во средиштето се истакнува мала и светла претстава на Пресвета Богородица со Детето. Околу неа се прикажани меѓусебно поврзани човечки фигури, насочени кон небото, во отворен круг што нагласува чувство на заедништво, средба и меѓусебна поддршка.

Знак на единство и надеж

Канцеларијата за печат на Светиот Престол во вторник 7 април, го објави логото на посетата, заедно со мотото „Alzad la mirada“, односно „Подигнете ги очите“, преземено од Евангелието според Иван 4,35.

Во соопштението се наведува дека графичкиот симбол на патувањето изразува заедништво и повик на заедничко одење кон заедничка цел, при што Пресвета Богородица е во средиштето на тоа патување, како мајчинско присуство што го поздравува народот и го насочува погледот кон Бога, како знак на единство и надеж за сите. Мотото, пак, нè охрабрува да го подигнеме погледот над секојдневните грижи, повторно да го откриеме Божјото присуство и да се отвориме кон другите.

Отворени срца

Исусовите зборови од разговорот со Самарјанката кај бунарот повикуваат на надеж и созерцание и нè охрабруваат да не се затвораме во себе, туку повторно да ги откриваме единството, убавината и љубовта како конкретни знаци на заедничкото живеење. Во овој гест на подигнување на погледот, се вели во соопштението, се изразува и ставот со кој Црквата во Шпанија го пречекува Светиот Отец: со отворени срца, подготвени да одат заедно.

За време на патувањето во Шпанија, Rимскиот бискуп најнапред ќе го посети главниот град Мадрид, а потоа и Барселона, каде што ќе ја отвори новата и највисока кула на монументалната базилика „Саграда Фамилија“, која веќе значително ја измени панорамата на каталонскиот град. Посетата се совпаѓа со стогодишнината од смртта на брилијантниот архитект Антони Гауди, кој ја замислил базиликата и ја започнал нејзината изградба, а кој минатата година беше прогласен за слуга Божји.

Барселона, меѓу другото, од 9 до 12 јуни ќе биде домаќин и на средба на бискупи од медитеранските земји. Потоа Папата ќе отпатува на Канарските Острови, каде што ќе ги посети Тенерифе и Гран Канарија.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот