Нунцијот во Кувајт: „Долга војна никому не му користи во регион што и онака е под голем притисок“
Надбискупот Јуџин Нужент, апостолски нунциј за Кувајт, Бахреин и Катар, за Ватикан њуз зборува за желбата на локалната Црква да се моли и да пости за мир, додека насилството ескалира на Блискиот Исток.
Од сабота, 28 февруари, во Заливот загинаа пет лица, сите странски државјани: едно лице во Кувајт, три во Емиратите и едно во Бахреин.
Во понеделник, 2 март, нови експлозии се слушнаа во Дубаи, Абу Даби, Доха и Манама. Во Кувајт, густ чад се издигна од американската амбасада.
Иранските удари ги потресуваат овие држави на Арапскиот Полуостров, долго сметани за безбедни засолништа.
Во следното интервју за Ватикан њуз, надбискупот Јуџин Нужент, апостолски нунциј за Кувајт, Бахреин и Катар, ја опишува состојбата и желбата на Црквата за мир.
Каква е моменталната состојба во Кувајт, каде што престојувате?
Состојбата е драматична и од ден на ден се влошува. Речиси воопшто не спиевме синоќа, поради низа експлозии што се слушаа од 2:00 часот по полноќ, а потоа и непрекинати сирени. Утрово дознавме дека американската амбасада во Кувајт била нападната со дрон. За среќа, немаше загинати, но има материјална штета, вклучително и пожар во рамките на амбасадата.
Исто така утрово дознавме дека два американски воени авиони биле соборени во близина на американската воена база „Али ал Салем“, која ја познавам добро, затоа што редовно одам таму за да служам света Литургија. Веднаш до неа има и италијански контингент.
Се обидуваме да останеме мирни, секако, но мора да се признае дека е застрашувачки. Во близина на нунцијатурата не забележавме штета. Ние сме единствената амбасада во квартот Шааб, кој е тивок дел од градот.
Дипломатскиот кварт, каде што се наоѓа и иранската амбасада, е релативно близу, но нашата околина е мирна. Главни цели се воените бази и аеродромите, како и Терминал 1 на аеродромот во Кувајт, кој беше погоден уште првиот ден со дрон.
Бахреин и Кувајт се погодени од војната. Како се доживува тоа во држави што вообичаено промовираат меѓурелигиски дијалог и мирен соживот?
Сите сме донекаде шокирани од она што се случува. Се надевавме дека дијалогот и преговорите што се водеа ќе донесат плод. Навистина бевме изненадени кога војната избувна на 28 февруари.
За среќа, пораката на Светиот Отец оваа недела по молитвата „Ангел Господов“, и неговиот повик за молитва за мир во овој регион, како и за дијалог и преговори, беа добро примени овде. Ја споделивме насекаде.
Исто така, добро беше примена и пораката од апостолскиот викар на Северна Арабија, бискупот Алдо Берарди, кој ги повика луѓето на молитва и солидарност во ова време.
Каков глас може да се крене во време кога нападите и одмаздите се зголемуваат од минута во минута на сите страни?
Остануваме во контакт со властите и со амбасадорите, барем за да ги охрабриме да ги употребат сите можни средства за да се стави крај на оваа војна. За жал, откако една војна ќе започне, никој не знае кога ќе заврши.
Сè се забрзува, но мораме да се обидеме по сите патишта. Долга војна никому не му користи, и нема да му користи никому, особено во регион кој и онака е измачуван од многу конфликти.
Како може да се обнови дипломатијата кога непријателството е длабоко вкоренето?
Во моментов оружјата ја прават бучавата. Мора да се обидеме со традиционалните средства на дипломатијата и преговорите. Се надеваме дека, по изјавата на претседателот Доналд Трамп дека ќе има разговори со новиот режим во Иран, дијалогот може да започне.
Се надеваме на разумен дијалог со сите страни. Засега тоа е многу тешко, бидејќи состојбата во Иран е многу сложена. Во земјата има многу фракции и тешко е да се разберат геополитичките динамики. Мора да се обидеме со дијалог на секое ниво. Дипломатијата е единствениот начин да се стави крај на оваа војна.
Во Бахреин во 2022 година папата Фрањо ја опиша војната како „драматично детско сценарио“, велејќи дека „во градината на човештвото, наместо да се грижиме за целината, си играме со оган со ракети и бомби“. Како тие зборови одекнуваат денес?
Тие звучат пророчки. Тоа се силни зборови што им зборуваат на сите. Со векови човештвото водело многу конфликти, но на крајот мора да бараме братство и да го најдеме она што ни е заедничко.
Во овој регион живееме со векови. Секоја земја е повикана да бара мир и склад. Многу се молиме за тоа. Минатата недела служевме света Литургија во катедралата овде во Кувајт по повод четвртата годишнина од војната во Украина. Четири дена подоцна избувна војна и овде.
Само молитвата и, во Великиот пост, постот се навистина важни. Исто така е и Рамазан. Христијаните и муслиманите се во време на пост и молитва. Да Го молиме Бог да ни го подари дарот на мирот.
Каква поддршка можете да им дадете на локалната Црква и на верниците што се потресени?
Секојдневно сум во контакт со бискупот Алдо Берарди и со парохиските свештеници во трите земји за кои сум одговорен: Кувајт, Бахреин и Катар. Се обидувам да ги охрабрам и да им бидам поткрепа. Некои цркви се уште се отворени, но други се затворени, па се служат приватни литургии.
Во нунцијатурата служиме света Литургија секое утро во 7:30, а попладне во 17:00 се молиме Бројаница за мир. Имаме и молитвени групи на WhatsApp. Ги охрабрувам сите да останат мирни и да се молат на Богородица за овој дар што на сите ни е потребен.
Колку е важна побожноста кон Богородица Арапска во ваков контекст?
Богородица Арапска е од темелно значење. Нашите верници негуваат гоелма побожност кон неа. И муслиманите имаат голема почит кон Маријам, која се споменува повеќепати во Куранот.
Во овој драматичен миг многу се молиме на Богородица, Царица на мирот. Преку нејзиното застапништво пред нејзиниот Син, војната ќе заврши.
Ватикан њуз/к.мк

