Четврток, 19 септември 2019, Тринаесета седмица по Педесетница
Свето Евангелие според Марко 4, 35-41
1.Премина отаде море, во страната Гадаринска. 2. И кога излезе Он од коработ, веднаш Го сретна еден човек од гробиштата со нечист дух. 3. Тој живееше во гробовите, и дури со вериги никој не можеше да го врзе; 4. оти многупати беше во окови и во вериги врзан, ама ги кршеше веригите и ги раскинуваше оковите, и никој не можеше да го скроти; 5. и секогаш, ноќе и дење, по гробиштата и по ридиштата викаше и се удираше со камења. 6. Штом Го виде Исуса оддалеку, притрча и Му се поклони. 7. Па, како извика со висок глас, рече: „Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!” 8. Зашто му беше рекол: „Дух нечисти, излези од човекот!” 9. И го праша: „Како те викаат?” А тој одговори и рече: „Легион ми е името, оти сме многу.” 10. И Го молеа многу да не ги пади од тој крај. 11. А таму, по ридот пасеше голем број свињи. 12. И сите бесови Го молеа и велеа: „Прати нè во свињине, да влеземе во нив.” 13. И Исус веднаш им позволи. Па, како излегоа, нечистите духови – влегоа во свињите; и се гргнаа свињите по стрмнината во морето, а беа околу две илјади; и се издавија во морето. 14. А оние, што ги пасеа свињите, побегнаа и известија во градот и по околијата. И мнозина излегоа да видат што станало. 15. И дојдоа при Исуса, и го видоа бесниот како седи облечен, и со здрав ум, во кого имаше легион, и се уплашија. 16. А оние, кои беа виделе, раскажуваа што стана со бесниот и со свињите. 17. И почнаа да Го молат да си отиде од нивните краишта. 18. А кога влезе во коработ, оној, што беше порано бесен, Го помоли да биде со Него. 19. Исус не му позволи, но му рече: „Оди дома при своите, па раскажи им што ти направи Господ и како те помилува.” 20. Си отиде, и почна да раскажува по Десеттоградието што му направи Исус. И сите се чудеа.
Размислување за Евангелието
Денешото Евангелие ни зборува како Исус пристигнува во Гадаринскиот крај, земја паганска, која не го познава единствениот Бог и не верува во него, земја каде што не живеат Израелци, едноставно туѓа земја.
Можеби звучи необично, но преку ова Евангелие Исус сака да ни покаже дека тој ги љуби сите луѓе, дека сака на сите да им ја навести Радосната вест. Така преку Слово денес Господ говори исто на оние кои живеат без вера, кои не го познаваат и не веруваат во единствениот и вистинскиот Бог, преку своето Слово доаѓа кај оние луѓе кои можеби мислат дека нема потреба да доаѓа во нивната земја Гадаринска, во нивните животи, но Исус доаѓа за да ја покаже својата љубов и дека сите луѓе се важни за него, дека сите луѓе имаат право на достоинство и на спасение.
И веќе првата средба на Исус во тој крај, првиот призор покажува дека Исус сепак е потребен токму таму.
И кога Исус излезе од коработ веднаш го сретна еден човек од гробиштата со нечист дух. Необичен, насилен, опседнат човек кој бил страв и ужас за тамошните жители. Сите обиди да го скротат не им успеале. Живеел во гробниците и постојано викал и се удирал со камења и со необична сила ги кршел веригите.
Кога човекот со нечистиот дух го видел Исус притрчал до Него и му се поклонил, едноставно имал страв и почит кон Исус. Пред нас е една страшна слика: Човек кој му се поклонува на Исус, затоа што има страв од Него, а сепак е мрзелив, непријателски настроен. Затоа и ќе му каже: „Што имаш, Ти, со мене, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Те заколнувам во Бога, не мачи ме!” Луѓето се обидувале да му помогнат но не можеле. Во него можеме да забележиме поделена личност, копнее за слобода, но не може да се оттргне од својата состојба, затоа што е заробен. Според неговото име Легион можеме да заклучиме дека бил заробен од многу нечистотии.
Дали можеби и во нас можеме да забележиме поделена личност. Копнееме за некоја слобода, мир, спокој, а сепак некако како да сме приковани на старите навики и желби, како да сме заробени и немаме сили да ги промениме. Средбата со Исус може да нѐ ослободи, може да нѐ придвижи. А Исус токму преку ова Евангелие доаѓа во пресрет и на нас.
А оние, што ги пасеа свињите, кога видоа што се случи со свињите побегнаа и известија во градот и околијата. И мнозина излегоа да видат што станало. Следното што било луѓето побарале да го напушти нивниот крај. Треба да навлеземе во размислувањето на овие луѓе, кое многу можеби наликува на денешниот човек. Имено свињите биле нивната егзистенција, а Исус им ја уништил. Имале премногу страв, затоа што слушнале како ја смирил морето и ветрот, а пред кратко слушнале пак како ја смирил бурата во човечката душа на опседнатиот од нечист дух. Инаку нивната реакција најверојатно би била и насилна, би побарале да им ја надомести штетата, но од страв едноставно го замолиле да ја напушти нивната земја. Она што Исус го направил било премногу за нив, Христос им бил премногу скап гостин и покрај тоа што се сведоци дека на човекот со нечист дух му го повратил достоинството.
Токму така и денес размислуваат многу луѓе, го посакуваат Исус подалеку од нив, од нивните животи и околина, семејство, фирма, затоа што може да кошта премногу. Се обидуваат да го спасат својот имот, заработка, профит, при што се подготвени да ја изгубат својата душа. Каква е твојата одлука, дали ќе го помолиш Исус да те остави на мир, да ја напушти твојата територија на живот?
Човекот кој пак од кого беа изгонети нечистите духови, кога виде дека Исус ќе си замине го помоли да појде со него. Тој ја знае својата претходна состојба и во близината Христова се чувствува посигурно, знае каков бил претходно, дека сега е облечен и со здрав разум и не сака повторно да биде опседнат. Затоа ја бара близината Христова. Но Исус го прати дома да посведочи како Господ го помилува, да раскаже на сите и со тоа останува во Неговата близина. Дали ја бараме и дали остануваме ние во близната Христова?
о. Гоце Костов