Ви го пренесуваме размислување за Четиринаесеттата недела по Педесетница според Евангелието од Матеј 22,1-14 кое е објавено на социјалните мрежи на Радио Марија.
Од светото Евангелие според Матеј (22,1-14)
И одговарајќи, Исус пак им говореше во параболи и рече: Царството небесно прилега на човек цар, кој направи свадба на сина си, и ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие нејќеа да дојдат. Потоа испрати други слуги и им рече: кажете им на поканетите: »Ете, приготвив јадење; јунците мои и сè што е угоено се заклани, и сè е готово; дојдете на свадба!« Но тие не сакаа да знаат за тоа, а си отидоа: кој на нива, кој по трговија; а некои, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмеаја и ги убија. Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град. Тогаш им рече на слугите свои: »Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни. Затоа одете по раскрсниците и, колку души ќе најдете, поканете ги на свадба!« И како излегоа слугите на раскрсниците, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости. Кога влезе, пак, царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта. Па му рече: »Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?« А тој молчеше. Тогаш царот им рече на слугите: »Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби; зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани«.”