Во Евангелието според Лука (18,10–14), во кое се зборува за митарот и фарисејот, Господ ни покажува два сосема различни ставови пред Бога, два става на молитва, но и два става на состојба на срцето.
Фарисејот стои самоуверено, горделиво. Моли, но како да зборува со себе, а не со Бог. Ги набројува своите успеси, дисциплина, коректност. И најопасното, ја споредува својата светост според слабостите на другите. Неговата молитва впрочем е како самопромоција, нешто што многу често денес го гледаме и на социјалните мрежи, се восхитуваме на самите себе.
Митникот, пак не бара предни места. Стои подалеку, знае дека нема што да му понуди на Бог освен вистината за себе, дека е грешник. Не се осмелува да ги подигне очите. Не се оправдува. Не се споредува. Само изговара една кратка реченица што ја опфаќа целата човечка потреба: „Боже, биди милостив спрема мене, грешникот.“
И токму преку примерот на митникот Господ ги шокира слушателите: Не оној што изгледа побожно, туку оној што е понизен „си отиде повеќе оправдан“.
Со оваа парабола Црквата го започнува Посниот триод, односно подготовката за Великиот пост. Уште на самиот почеток сака да ни каже нешто суштинско: постот, молитвата и милостината имаат смисла само ако се вршат со понизност. Инаку, и најубавите дела можат да станат причина за горделивост.
Затоа Господ ја дава оваа поука: „Секој што се воздигнува, ќе биде понижен, а оној што се понижува, ќе биде возвишен.“ И затоа молитвата на митарот нека биде наш постојан потсетник, особено во Великиот пост: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме, грешниот.“ Ова нека биде нашиот став, нашата молитва, да стоиме пред Бога без маски.
Посниот триод е привилигирано време да ја преиспитаме нашата молитва и да биде составен дел од денот, да практикуваме дела на милосрдие и секако да се воздржуваме од осуди.
Да започнеме со молитвата. Кога се молиш, што е во центар на твојата молитва? Благодарност кон Бог за Неговата милост или самопофалба, споредување со другите за да изгледаш дека си „подобар“? Молитвата нека го има централниот, најважниот дел од денот. Покрај твоите вообичаени молитви моли ја секојдневно и молитвата на митникот: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“ Оваа молитва го учи срцето на понизност и човекот да живее од Божјата милост.
А што е со милосрдието. Обиди се да правиш, дела на милосрдие, добри дела што никој нема да ги види, без да бараме пофалби, без аплаузи и без објави на социјалните мрежи. Тоа нека биде нашиот дар, незабележливи за луѓето, а дар за Бога, затоа што Тој ги гледа нашите срца.
И за крај, да се воздржуваме од осуди. Кога ќе бидеш искушуван да осудиш некого, застани. Наместо да коментираш во мислите, кажи му на Господ: „Боже, биди милостив спрема мене, грешникот.“
Ова Недела на Митарот и Фарисејот нека биде почеток на нашиот пат за приближување кон Бога, пат на очистување, секогаш имајќи ги на ум Исусовите зборови: „Зашто секој што се воздига, ќе биде понизен, а кој се понизува ќе биде воздигнат.“
го*ко

