Монсињор Киро Стојанов упати сочувство по повод упокојувањето на надбискупот Марин Сракиќ
Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати сочувство до ѓаковско-осиечкиот надбискуп монсињор Ѓуро Храниќ по повод упокоението на надбискупот во мир монсињор Марин Сракиќ. Тој почина на 2 ноември 2026 година во Ѓаково, во 90. година од животот, 67. година од свештенството и 37. година од епископската служба.
Во пораката монсињор Стојанов истакнува дека со голема тага ја примил веста за упокоението на надбискупот Сракиќ и дека во овие мигови на разделба мислите и молитвите на Католичката црква во Македонија се со неговите најблиски, со свештенството, монаштвото и верниците на Ѓаковско-осиечката надбискупија.
„Во мое лично име и во име на свештениците, монашките заедници и верниците на Католичката црква во Македонија, Ви изразувам искрено и братско сочувство“, се наведува во пораката.
Монсињор Стојанов со благодарност се присетува на средбите со покојниот надбискуп, како и на братското заедништво што низ годините ги поврзувало на различни црковни настани. Тој нагласува дека долгогодишната пастирска служба на надбискупот Сракиќ, неговата верност кон Црквата и посветеноста на доверениот Божји народ остануваат трајно сведоштво за неговото свештеничко и епископско служење.
Во своето сочувство монсињор Стојанов потсетува и на Христовите зборови од Евангелието според Иван: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Иван 11,25).
„Со таа вера го доверуваме покојниот надбискуп Марин на Божјото милосрдие и се молиме Господ да го прими во радоста на своето Царство“, порача монсињор Стојанов.
Монсињор Марин Сракиќ е роден на 6 јули 1937 година во Ивановци, Хрватска. За свештеник е ракоположен во 1960 година, а во 1990 година е именуван за помошен епископ на Ѓаковско-сремската бискупија. Во 1997 година ја презема службата на дијацезански епископ, а подоцна станува прв ѓаковско-осиечки надбискуп. Бил и претседател на Хрватската бискупска конференција, а докторирал морална теологија на Папскиот латерански универзитет во Рим.
к.мк/фото: ИКА

