Молитвена накана на Папата: За болните деца треба да се грижиме со конкретни дела на солидарност

Молитвена накана на Папата: За болните деца треба да се грижиме со конкретни дела на солидарност

Во видео и аудио запис со молитвена накана за февруари, „За децата со неизлечиви болести“, папата Лав XIV ја продолжува иницијативата „Моли со Папата“ и поттикнува на молитва за кревките и страдални најмали, како и за нивните семејства и за оние што се грижат за нив.

Секоја година кај приближно 400.000 деца и адолесценти на возраст од 0 до 19 години се дијагностицира рак, болест за која во многу средини не постои едноставно лекување и која е една од водечките причини за смртност кај деца и адолесценти. Покрај тоа, повеќе од 2,1 милијарда деца во светот, помлади од 20 години, се погодени од хронични болести, како дијабетес тип 1 или кардиоваскуларни и респираторни заболувања. Токму ним, и на сите деца со неизлечиви болести, им е посветена молитвената накана на папата Лав XIV за февруари, објавена преку Папската светска молитвена мрежа, во соработка со Дикастеријата за комуникација.

Сочувството на Самарјанинот

Изборот не е случаен. На 11 февруари, на празникот на Пресвета Богородица Лурдска, се одбележува Светскиот ден на болните. Овогодишното 34. одбележување ја нуди темата „Сочувството на Самарјанинот: да се љуби носејќи ја болката на другиот“. Главната прослава ќе се одржи во Чиклајо, во Перу, бискупијата во која Роберт Френсис Превост најнапред бил управител, а потоа и бискуп.

За децата што страдаат, за семејствата и лекарите

Во аудио и видео записот, кои ја продолжуваат иницијативата „Моли со Папата“ започната уште со папата Фрањо и кои се достапни на италијански, англиски и шпански јазик, папата Лав XIV ја повикува целата Црква и луѓето со добра волја да се приклучат во молитва за децата што страдаат и се многу кревки, како и за нивните семејства и за оние што се грижат за нив.

Христовата нежност

Видеозаписот го прикажува папата Лав XIV како се моли во црквата „Свети Пелегрин“ во Ватикан. Во рацете држи цртежи што ги изработиле мали пациенти од детската болница „Bambino Gesù“ во Рим. Во средиштето на молитвата на Папата е нежноста на Христос кој ги прима децата, препознавајќи во нивните кревки тела знак на Неговото присуство, а во нивните насмевки сведоштво за Царството.

„Те молиме, Господи, никогаш да не им недостига соодветна медицинска грижа, човечка и блиска нега, и поддршка од заедницата која ги придружува со љубов.“

Достоинството на секој болен

Папата му ги доверува на Бога и семејствата, за да останат истрајни во надежта, среде замор и неизвесност, како и лекарите, медицинските сестри и здравствените работници:

„Благослови ги рацете на лекарите, медицинските сестри и здравствените работници, за нивната работа секогаш да биде израз на делотворно сочувство. Нека Твојот Дух ги просветлува во секоја тешка одлука и нека им дарува трпение и нежност за да служат достоинствено.“

„Господи, научи нè да го препознаваме Твоето лице во секое дете што страда“, продолжува Папата. „Нивната ранливост нека разбуди во нас сочувство и нека нè поттикне да се грижиме за нив, да ги придружуваме и да ги љубиме со конкретни дела на солидарност.“

Црквата нека биде семе на надеж

На крајот, папата Лав XIV ја поттикнува целата Црква да дозволи да биде преобразена од истите чувства на Христовото срце:

„Направи нè Црква која, оживеана од чувствата на Твоето Срце и поттикната од молитвата и служењето, знае да ја поддржува кревкоста и, среде болката, да биде извор на утеха, семе на надеж и навестување на нов живот.“

Папската светска молитвена мрежа

Папската светска молитвена мрежа, Папско дело доверено на Дружбата Исусова, е присутна во повеќе од 90 земји и обединува духовна заедница од повеќе од 22 милиони луѓе, посветени на секојдневна соработка во Христовото послание. Сознанието дека милиони луѓе во бројни земји се приклучуваат на оваа молитвена накана нè исполнува со надеж, изјави Исусовецот Кристобал Фонес, директор на мрежата. На тој начин се шири солидарноста на вистински луѓе кои, иако не се познаваат, ги придружуваат децата, со почит пристапуваат кон нивната реалност и помагаат во поддршката на нивните семејства.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот