Молитвена накана на епископот Стојанов за месец март 2026

Молитвена накана на епископот Стојанов за месец март 2026

Во месечната молитвена накана на епископот Стојанов за март 2026 година, поттикнат од Пораката на папата Лав XIV за Великиот пост, повикува да молиме за разоружен јазик.

Mесец март нè води Великиот пост, преку кој одиме заедно со Исус кон Ерусалим, придружувајќи Го на Неговото страдање, смрт и воскресение. Во овој период сме повикани на најразлични откажувања, како средства да се откажеме од гревот и да останеме во заедништво со Христос. Како христијани, ние сме на постојано ходочестие кон небесниот Ерусалим. На тој пат често се изморуваме, се обесхрабруваме и застрануваме, со мисли и дела, но и со зборови.

Поттикнати од пораката на папата Лав XIV за Великиот пост, да го молиме Господ да ни даде сила да се воздржуваме од зборови што болат и повредуваат, да го разоружиме својот јазик: да се откажеме од остри зборови, брзоплети судови, да не зборуваме лошо за оние што не се присутни и не можат да се бранат, како и од клевета. Притоа постојано нека нè потсетуваат зборовите на апостол Павле: „Никаков лош збор да не излегува од устата ваша, туку само добар, за издигање каде што треба, за да им принесе благодат на оние што слушаат“ (Ефесјаните 4,29).

Со разоружен јазик, зајакнати преку молитвата, постот и милостињата, со обновено срце да одиме во пресрет на Пасхата – Велигден, носејќи го Христовиот мир таму каде што недостасува.

к.мк

Категорија: Вести, Македонија

За авторот