Молитвената накана на Папата за јуни: Спортот нека биде школа за братство и средство за мир

Молитвената накана на Папата за јуни: Спортот нека биде школа за братство и средство за мир

Папата Лав XIV ја објави својата молитвена накана за месец јуни и ги повика католиците да се молат „за важноста на спортот“, за секој спорт да може да промовира мир, братство и заедништво.

 

Папата Лав XIV ги повика католиците низ целиот свет овој јуни да му се придружат во молитвата за важноста на спортот.

Во четврток, 3 јуни 2026 година,  беше објавено месечното видео „Молете се со Папата“, подготвено од Папската светската молитвена мрежа.

Во својата молитва, Папата ги препознава големите придобивки, но и предизвиците присутни во светот на спортот, молејќи се спортските настани да го промовираат мирот и братството.

Училиште на братство, мир и средба

Папата Му благодари на Господ за „дарот на спортот, за оние што Го слават Бога преку вежбањето на своето тело, за пријателствата родени на теренот и за радоста од играњето во тим“.

Потсетувајќи дека Господ нè учи дека „во животот, како и во играта, никој не се спасува сам“, Светиот Отец нагласи дека „ни се потребни другите за да растеме, да научиме почит, да ги надминеме своите граници и заедно да ги славиме победите што ги постигнуваме“.

Затоа папата Лав се моли спортот „секогаш да биде училиште на братство, а не на празно соперништво; простор на средба, а не на исклучување; пат на мир, а не на насилство“.

Спортот како јазик што ги обединува луѓето

„Нека оние што играат, тренираат или навиваат“, рече Папата, „во спортот откријат универзален јазик што ги зближува културите, ги обединува луѓето и сее почит, солидарност и личен раст“.

Тој се помоли и секој спорт „да стане парабола за животот што се живее со Тебе, со труд и радост, со понизност во поразот и благодарност во победата, принесени во Твоето Воскресение“.

„Нека Твојот Дух“, заклучи Светиот Отец, „никогаш не ни недостасува, правејќи нè еден тим, обединети со Тебе за да градиме заедништво и братство во историјата.“

Папска светската молитвена мрежа

Основана во 1844 година како Апостолатот на молитвата, Светската молитвена мрежа е папско дело доверено на Исусовото Друштво.

Во декември 2020 година, папата Фрањо ја воспостави оваа папска установа како ватиканска фондација, а нејзините конечни статути беа одобрени во јули 2024 година.

Мрежата е присутна во повеќе од 92 земји и формира духовна заедница од над 22 милиони луѓе, кои се стремат секој ден да го живеат со расположливост за Божјата мисија.

Во центарот на нејзината мисија се месечните молитвени накани на Папата, кои ги повикуваат верниците да се насочат кон итните предизвици со кои се соочуваат човештвото и мисијата на Црквата.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот