Обраќајќи им се на учесниците на собирот организиран од Италијанските католички мисии во Европа, папата Фрањо истакна дека миграцијата треба да се придружуваат и преку средби, односи и пријателство и така може да се поддржи и екуменскиот од во различни европски земји.
Во светлината на латиноамериканското искуство, би можел да кажам дека мигрантите, доколку им се помогне да се интегрираат, се благослов, богатство и подарок што го поттикнува општеството да се развива – рече папата Фрањо, цитирајќи извадок од енцикликата Fratelli tutti, за време на состанокот на 11 ноември 2021 година со учесниците на собирот кој е организиран од италијанските Католичките мисии во Европа, на тема „Италијанците во Европа и христијанското послание“.
Во својот говор Папата ја спомена трагедијата што се случи во 2016 година, во Белгија, на аеродромот Завентем, кога во терористички напади беа убиени 32 лица, за кои одговорноста ја презеде самопрогласената Исламска држава. Тие што го направија тоа – рече Папата – беа Белгијци, но деца на неинтегрирани, гетоизирани мигранти. Затоа тој ги истакна чекорите што треба да се преземат за да се одговори на предизвиците што ги носат миграциите, а тие се совпаѓаат со четири глаголи: примање, придружување, промовирање и интегрирање.
Доселениците, доколку се вклучат во интегративни проекти, можат да бидат благослов за Европа, за Црквите во Европа – рече Папата и потсети: Да не заборавиме, на пример, дека света Франческа Саверио Кабрини, монахиња од Ломбардија, емигрантка меѓу емигранти, беше првата светица државјанка на Соединетите Американски Држави. Во исто време, истакна тој, миграциите треба да се придружуваат и преку средби, односи и пријателство и така може да се поддржи и екуменскиот од во различни европски земји каде верниците претежно припаѓаат на реформирани или православни заедници.
Мигрантите се дел од „нас“
Осврнувајќи се на темата на нивната средба, папата Фрањо посочи три работи кои можат да им помогнат денес, но и во иднина. Првата се однесува на мобилноста, на миграцијата. Честопати ги гледаме мигрантите како „други“ во однос на нас, како странци – истакна тој. Всушност, читајќи ги податоците за овој феномен, откриваме дека мигрантите се важен дел од „нас“, освен тоа што во случајот со италијанските емигранти, тие се луѓе блиски до нас: нашите семејства, нашите млади студенти, оние со диплома, невработени, нашите претприемачи. (…) Ова е реалност со која се чувствувам особено близок, бидејќи и моето семејство емигрирало во Аргентина. Затоа е важно тоа „нас“ за да можеме ја толкуваме мобилноста – истакна Папата.
Европа е прекрасен мозаик кој не треба да се оцрнува
Второто размислување на Папата се однесува на Европа. Толкувањето на италијанската емиграција на европскиот континент треба да нè освести дека Европа е заеднички дом – рече Папата. Дури и Црквата во Европа не може да не ги земе предвид милионите емигранти, италијански и од други земји, кои го обновуваат лицето на градовите, лицето на земјите. Во исто време, тие го негуваат сонот за обединета Европа, способна да ги препознае заедничките корени и да се радува на различноста што ја населува (Fratelli tutti, 10) – рече папата Фрањо, цитирајќи зборови од енцикликата Fratelli tutti. Прекрасен мозаик кој не треба да се оцрнува или корумпира со предрасуди или омраза прикриена со наместена пристојност. Европа е повикана денеска да го обнови својот повик за солидарност во супсидијарноста.
Да се оживее сеќавањето и наследството
Третото размислување се однесува на сведочењето за верата на заедниците на италијанските емигранти во европските земји – истакна Папата. Благодарение на нивната вкоренета народна религиозност, тие ја пренесоа евангелската радост, ја направија видлива убавината на отворените и гостопримливи заедници, го споделуваат одот на локалните христијански заедници. Стилот на заедништво и послание ја одбележа нивната историја и се надевам дека ќе можат да ја обликуваат и својата иднина. Тоа е убава нишка што не врзува за сеќавањето на нашите семејства. Како да не мислиме на нашите баби и дедовци кои се иселиле и на нивната способност да бидат плодни и во христијанскиот живот? Тоа е наследство што треба да се чува и негува, и да се најдат начини кои ни овозможуваат да го оживееме навестувањето и сведочењето на верата. Ова – според Папата – во голема мера зависи од меѓугенерацискиот дијалог, посебно помеѓу дедовци, баби и внуци.
Црпете од корените
Осврнувајќи се на меѓугенерацискиот дијалог, Папата ја истакна важноста младите да останат посветени на своите корени. Токму во моментот кога живеат во други европски контексти, тие се драгоцената лимфа што ја црпат од своите корени, од нивните баби и дедовци, лимфата на човечките и духовните вредности. На крајот, тој потсети на сведоштвата од минатото кои можат да ја осветлат сегашноста и иднината. Нека блажениот епископ Џовани Батиста Скалабрини, чија работа меѓу мигрантите ја зајакна мисијата на Црквата во Италија и Света Франческа Кабрини, заштитничка на мигрантите, да го предводат и заштитат вашиот од во Црквите на Европа за ново, радосно и пророчко навестување на Евангелие – рече папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк