Меѓународното здружение на егзорцисти објави соопштение во пресрет на Ноќта на вештерките
Егзорцистите предупредуваат дека окултните појави не стануваат безопасни само затоа што се претставуваат „како културен или забавен настан“.
Меѓународното здружение на егзорцисти (AIE) во вторник, 27 октомври 2026 година, објави соопштение со наслов „Кои се вистинските мрачњаци?“, во пресрет на Ноќта на вештерките, пренесе агенцијата СИР.
Во соопштението егзорцистите предупредуваат дека окултните појави не можат да се оправдаат само со тоа што ќе бидат претставени „како културен или забавен настан“. Напротив, тие нагласуваат дека е потребно овие појави добро да се познаваат „за да се избегнат однесувања или ставови што се сметаат за духовно штетни за личниот и општествениот развој“.
Меѓународното здружение на егзорцисти го осудува „јавното оживување на магиските и окултните практики“ преку езотерични фестивали и саеми, кои неретко ги поддржуваат локалните власти со цел да привлечат посетители во помалите и периферни места. Слични настани, особено по повод Ноќта на вештерките, се организираат и во големите градови.
Иако го признаваат правото на секој човек на „слободно изразување на мислењето“, егзорцистите сметаат дека претставувањето на магијата, окултизмот или таканаречените терапии преку „канализирање на енергијата“ како средства за разбирање на стварноста или како алатки за психофизичка благосостојба, всушност ги става нивните промотори „во онаа навистина мрачна и ирационална перспектива која честопати, површно и со предрасуди, ѝ се припишува на Католичката црква“.
Во соопштението се потсетува дека Црквата „во срцето ја носи целосната промоција на човечката личност“ и, како што се наведува во енцикликата Fides et Ratio на свети папа Иван Павле II, „не може а да не ја цени високо задачата на разумот да дојде до оние одлуки што самиот човечки живот го прават подостоинствен“.
Сир/к.мк

