Меѓугорје: Подготовки за прослава на 45-годишнината

Меѓугорје: Подготовки за прослава на 45-годишнината

Во Меѓугорје започна деветдневна молитвена подготовка за 45-годишнината од почетокот на наводните маријански објави. Прославата ќе биде придружена со молитви за мир, процсија и празнична литургија на отворено.

Ходочесничкото место Меѓугорје, како и бројни молитвени групи низ светот поврзани со него, се подготвуваат за 45-годишнината од почетокот на наводните јавувања на Богородица во 1981 година.

Во херцеговската парохија во вторник започна деветдневна молитвена подготовка, односно Деветница, упатена кон Пресвета Богородица како „Царица на мирот“. Деветницата ќе трае до 25 јуни.

Како и во изминатите три години, молитвите ќе се одржуваат во различни периоди од денот на Подбрдо, таканаречениот „Рид на објавата“, како и за време на вечерната света Литургија во парохиската црква.

Илјадници ходочесници од целиот свет

Традиционално, за годишнината во Меѓугорје се очекуваат десетици илјади ходочесници од целиот свет. Заедно со Меѓународниот младински фестивал, познат како Младифест, кој се одржува на почетокот на август, ова е еден од најважните годишни настани за парохијата според бројот на верници.

Празникот ќе биде одбележан со Марш за мир и со поворка со статуата на Богородица, како дел од свечената богослужба на отворено.

Молитви за мир

Во Меѓугорје, неколку стотици ходочесници присуствуваа на почетокот на ноќната деветница на ридот Подбрдо. Меѓу присутните беа и украинскиот епископ Јан Собило и Марија Павловиќ-Лунети, една од лицата поврзани со сведоштвата за јавувањата.

Павловиќ-Лунети повика на молитва за мир, особено во Украина, Африка, Либан и Светата Земја, но и „во нашите срца и семејства“. На крајот од првата средба, која беше пренесувана во живо преку американската приватна телевизија MaryTV и парохиската станица Медија мир Меѓугорје, таа изјави дека имала објава и дека Богородица ги повикала сите во среда на поинтензивна молитва

Парохијата Меѓугорје официјално не ги промовира молитвените средби со лицата што тврдат дека ги примаат објавите. Наместо тоа, секое попладне во 16 часот на Подбрдо се одржува молитва Светата Бројаница, а подготвителни молитви се одржуваат и за време на вечерната литургија. Во нив учествуваат парохијани од различни делови на Меѓугорје, членови на локални монашки заедници, парохиски групи и организации за социјална помош.

Повик за молитва, преобраќање и мир

Со приближувањето на 45-годишнината, се огласи и Иван Драгичевиќ, исто така поврзан со групата на сведоци на објавите. Во јунско обраќање тој истакна дека најважно не е колку ходочестија човек ќе направи, ниту колку знае за верата, туку дали го отвора срцето за Бога, дали Му го доверува својот живот и дали им простува на другите.

Според Драгичевиќ, пораките на Марија содржат „повик за молитва, преобраќање, пост, мир и враќање на Евангелието“, што, како што вели, „денес е попотребно од кога било“.

Сеќавање на кардиналот Руини

Годишнината од Меѓугорје ќе биде одбележана и во сенка на смртта на кардиналот Камило Руини, кој почина во вторник на 95-годишна возраст.

Поранешниот претседател на Италијанската епископска конференција и генерален викар на Рим ја предводеше Ватиканската комисија за Меѓугорје, формирана во 2010 година по налог на папата Бенедикт XVI, а продолжена и за време на папата Фрањо. Комисијата имаше задача да ги собере и испита сите материјали поврзани со извештаите за маријанските објави, како и да предложи пасторални насоки за управување со ходочесничкото место.

Таканаречената Комисија Руини, по повеќегодишна работа, дојде до нијансирани заклучоци. Според извештаите, мнозинството членови биле наклонети кон признавање на раните објави од 1981 година, додека за подоцнежните феномени останала порезервирана.

Наодите биле доставени до тогашната Конгрегација за наука на верата, која не донесе дефинитивна доктринарна одлука за натприродниот карактер на јавувањата во Меѓугорје.

Ставот на Светиот Престол

Папата Фрањо подоцна ги одобри ходочестијата во Меѓугорје и назначи апостолски визитатор за пасторална грижа за ходочесниците. Од 2022 година таа служба ја извршува надбискупот Алдо Кавали.

Во 2024 година, преку декларацијата Nihil obstat, беше дозволено јавното почитување на „Царицата на мирот“. Декларацијата ги признава позитивните пасторалните плодови поврзани со Меѓугорје, но не донесува одлука за натприродниот карактер на објавите.

Во документот исто така се нагласува дека пораките треба внимателно и критички да се разгледуваат.

Катпрес/к.мк

Категорија: Вести, Свет

За авторот