Во текот на годината навикнати сме на брзање, многу често им велиме на децата „побрзај“, и многу се трудиме да го искористиме секој миг од денот да биде исполнет до последната секунда, што понекогаш ни е тешко да влеземе во помирен ритам.
За време на распустот и одморите не треба да се занемари верското воспитување. Напротив, токму тоа време може добро да се искористи.
Да си дадеме време и за „губење време“. Во текот на годината толку сме навикнати на брзање, толку сме навикнати постојано да им велиме на децата „побрзај“, и толку настојуваме да го искористиме секој миг од денот исполнет до последната секунда, што понекогаш ни е тешко да се вклучиме во помирен ритам.
Некои од нас се во искушение навистина да го губат времето, преминувајќи од една активност на друга без постојаност, бегајќи од секој напор и секоја дисциплина. Други, пак, не умеат да престанат да си наметнуваат себеси и на целото семејство пребрз и напорен животен ритам.
Меѓу овие две крајности треба да ја откриеме вредноста на времето што не е оптоварено со корист, резултат или обврска.
Добро е децата да научат да планинарат, да пливаат или да работат со дрво. Но исто толку важно е и да играме со нив, да измислуваме мали прослави и авантури полни со идеи, да разговараме со нив или едноставно да скокаме и да се смееме заедно.
Добро е кога при посета на некоја црква или манастир знаеме да им дадеме објаснување. Но во други моменти е важно да знаеме и да замолчиме, за децата сами и во тишина да ја откријат убавината на пејзажот или неискажливиот мир на ѕвездената ноќ.
Да му посветиме време на секое дете посебно, како да е единствено. Секое дете е единствено и за Бога и за нас, но не секогаш е доволно свесно за тоа. Некои деца имаат уште поголема потреба да го почувствуваат тоа.
За секое дете е драгоцено повремено да ги има татко му и мајка му само за себе, за време на ручек, прошетка или возење со автомобил. Многу теми излегуваат на виделина дури тогаш кога нема други уши наоколу.
Тоа се мигови на блискост што можат да му помогнат на детето да разбере дека ниту една заедница, почнувајќи од семејната, не може да расте ако ги гази личностите. Детето не е и никогаш нема да биде само еден член од семејството или дел од човештвото изгубен во мноштвото. Тоа е единствена личност, повикана со Бога да живее единствена приказна на љубов.
Да одвоиме време за молитва. Парадоксално е што одморите често стануваат време на голема духовна празнина, иако токму тогаш имаме повеќе слободно време.
Причини има многу. Пред сè, молитвата секогаш останува борба. Не е лесно да се остане верен на секојдневната молитва. Други причини произлегуваат од промената на просторот и начинот на живот. За време на одморите ги нема домашните навики и рамки што ни помагаат да останеме верни на молитвата.
Понекогаш и околината не нè поттикнува на молитва, затоа што никогаш не сме сами и во тишина, или затоа што сме со пријатели, браќа или сестри што не ја живеат верата на ист начин како нас.
Господ добро ги познава пречките на кои наидуваме, затоа не треба да се вознемируваме. Но Бог знае и колку ни се потребни тие секојдневни средби со Него. На оној што навистина сака да се моли, Тој ќе му помогне да најде и начин.
Да читаме нешто што може да ни помогне подобро да ја запознаеме верата, на пример Катехизмот на Католичката црква. Не сме сите повикани да станеме научници или теолози, но сите сме повикани да го користиме својот разум за подобро да Го запознаеме Бога.
Еден вероучител во гимназија велел дека ако нашето познавање на верата остане на ниво на основно училиште, додека нашето знаење напредува во други области, како физика, математика или книжевност, верата брзо ќе почне да ни изгледа детинеста.
Затоа, да го искористиме и времето на одмор. Не само за телото да се одмори, туку и срцето повторно да го најде својот мир, семејството својата блискост, а верата својата свежина.
Битнонет/к.мк

