Родителите треба да молат од Господ она што е најдобро за нивните деца. А најдоброто за нив е да го следат сопствениот повик, она што Бог го одредил за секој поединец. Откривањето на повикот е голема тајна и понекогаш долготраен процес, но донесува вистинска радост и исполнување.
Насловот на овој текст се Исусовите зборови, запишани во Евангелието според Матеј. И продолжува Исус: „Кој милува син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене.“ Нели ви изгледаат Неговите зборови груби и крути? Зарем Исус не ја разбира родителската грижа и љубовта кон децата? И обратно, приврзаноста на децата кон родителите? Понекогаш се случува, нашата човечка љубов да стане и себична и неуредна и посесивна и насочена само на земското. Заради тоа Исус нè буди со овие помалку груби зборови. Бара од нас да ги наредиме работите како што треба. Нè поттикнува Него да го ставиме на прво место. Кога слободно ќе одлучиме да Го следиме Него, сè друго спаѓа во втор план: мајка, татко, син, ќерка, свршеник, свршеница… Кога своето срце во целост ќе Му го предадеш на Исус, тоа се враќа почисто, помладо и поспособно да ги сака другите на вистинскиот начин. Тогаш целата твоја човечка љубов поминува низ Исусовото Срце од каде што излегува збогатено.
Без таква „прочистена“ љубов невозможено е да се љубат другите. Секогаш сме во искушение да сакаме заради себичност, страв или навика. Посесивноста и контролата ги нарекуваме љубов. „Да имаме“ деца за да ни ја исполнат празнината во животот или да бидеме нездраво наврзани на родителите, бидејќи така сме посигурни. Да се контролираат животите на своите деца и наместо нив да ги избираме нивните животни повици. Големо е искушението да мислиме дека како родители единствено ние учествуваме во тајната на создавањето на новиот човечки живот и да ја прифатиме себичноста и „културата на смртта.“ Децата се плод на родителската љубов, но постои и Трет кој го дава животот. Така што родителите се само негови соработници. Тие дозволуваат Бог преку нив да создаде уште еден човечки живот.
Често се создава сериозен проблем, па дури и кај родителите христијани кога нивните деца го избираат духовниот повик. Тоа нека биде некое туѓо дете! Само не моето! Јас веќе ги испланирав и внуците и местото каде што ќе живеат. Духовниот повик е божествена иницијатива и Он знае што е најдобро за повиканиот и за неговото семејство. Папата Пио XII зборувал за тој проблем истакнувајќи дека „дури и меѓу оние кои се фалат со католичка вера, многу родители не се помируваат со духовниот повик на своите деца. Бескруполозно е да се бориш против божествениот повик, користејќи се со разни аргументи, дури и со средства кои можат да го доведат во опасност не само повикот во посовршено ниво, туку и самата совест и вечното спасение на оние кои треба толку многу да љубат.“
Свети Хосе Марија вели: „Забораваат дека тие се соработници Божји и дека животното правило е исто така дека децата да го напуштаат родителскиот дом, за да создадат нов дом, или едноставно заради работа. Или заради студирање. Често, иако млади, заминуваат да живеат на друго место и тоа не е никаква катастрофа. Во некои случаи и самите семејства – заради благосостојбата на децата – поттикнуваат такво одвојување. Зошто мораме да им ставаме пречки доколку посакаат да го следат Христос? Тој никогаш не ги разделува душите.“
Родителите треба да молат од Господ она што е најдобро за нивните деца. А најдоброто за нив е да го следат сопствениот повик, она што Бог го одредил за секој поединец. Откривањето на повикот е голема тајна и понекогаш долготраен процес, но донесува вистинска радост и исполнување. Кога човекот го пронаоѓа својот повик тогаш преку него се посветува и патува кон својата цел. А тоа е небото! Различни се патиштата, а една е дестинацијата! Вечноста!
Август е посебен месец во Меѓугорје заради тоа што многу млади луѓе преку настанот Младифест всушност го бараат својот повик. Трагаат по одговори! Кој сум јас? Каде Бог ме сака? Каде одам? И навистина ако искрено бараат и прашуваат, пронаоѓаат одговори. Безбројни се сведоштвата на оние кои се одлучуваат за брак или сфаќаат дека Бог ги повикува на посветен живот. Се сеќавам и на сопственото барање. Дали мојот повик е за брак или посветен живот? Каде ме повикуваш Господи? Како можам најдобро да ти помогнам? Како можам најдобро да се остварам? Дали ќе го живеам радосно повикот кој го избирам? Признавам дека тој период од животот ми беше тежок. Тоа воопшто не е едноставно и лесно! Да се одговори на повикот! И сега во ова фаза од животот често издишувам, бидејќи повеќе не морам да барам, бидејќи маките на барањето се зад мене. На нас кои сме го пронашле својот повик ни останува задачата да се молиме за оние кои го бараат. Своите сопствени деца да не ги ограничуваме во изборот на повикот, да се молиме за духовни повици кај нашите деца. Да не се плашиме притеснети за животите на нашите деца, туку да ги довереме на Оној Кој најпрво ги сакал и ги испланирал. И секако, треба да го живееме во целост нашиот повик, радосно и одговорно. Бидејќи со такви радосни сведоштва помагаме во осветлувањето на патот за барањата на другите. На денешниот свет му се потребни радосни сведоци. Свети татковци и мајки, свети свештеници, свети чесни сестри. Така и младите ќе можат полесно да го откријат неизмерното богатство на различните животни повици и она најважното – Христос Кој остварувањето на секој тој повик го прави не само возможно, туку и го исполнува со потребните милости и благослови.
Љубовта е навистина темелот на секој животен повик. Без разлика што ќе изберам, влегувам во просторот на дарувањето, пожртвуваноста, посветувањето. Без љубовта секој повик е празен, ладен, безживотен. А тоа училиште е секојдневно и доживотно. Меѓугорје е всушност прекрасно училиште на љубовта. Овде ја имаме најдобрата учителка, она која е Благодатна. Колку да размислуваме за тоа, можеби и никогаш нема да разбереме колку тоа е голем дар. Затоа силно се радувам кога ги гледат сите оние млади кои од година на година доаѓаат овде и примаат големи милости за својот иден живот, иден повик. На крајот, верувам дека Господ има уште повеќе. Да се молиме едни за други, тоа и да се оствари.
Мирта Милетиќ/Гласник мира/к.мк