Католичката катедрала во Котор веќе 12 века ги чува моштите на свети Трифун

Католичката катедрала во Котор веќе 12 века ги чува моштите на свети Трифун

По маченичката смрт на свети Трифун во 250 година, неговото тело било пренесено во Кампсада, а потоа во Цариград, а од Цариград во Котор. Свети Василиј Велики, говорејќи за моштите на мачениците напишал: „Допирајќи ги моштите на мачениците земаме дел во светоста и милоста која е содржана во нив.“ На тој начин култот за моштите на мачениците се проширил низ целата Црква, особено после Миланскиот едикт во 313 година, кога слободата за култот довела и до некои претерувања во однос на моштите на мачениците, што било и причина заради кое императорот Теодосиј (347 – 395) строго забранил транспортирање на моштите. Забраната немала големо влијание сѐ до IX – X век. Во периодот на иконоборските борби моштите на свети Трифун биле пренесени на 13 јануари 809 година од Цариград во Котор од страна на венецијанските морнари.

Византискиот цар Константин Порфирогент, во втората половина од 10 век, во познатото дело „De administrando imperio“ (За управувањето на царството), наведува дека Котор ги поседува и ги чествува земните останки на маченикот свети Трифун. Во археолошките ископувања кон крајот на 19 век е пронајден еден саркофаг со латински натпис на Андре Сараценис, которски граѓанин, и неговата жена Марија, кој ги откопал моштите на свети Трифун и во негова чест во Котор ја изградил првата црква на почетокот од 9 век. Темелите на оваа црква се откриени во археолошките истражувања после катастрофалниот земјотрес во 1979 година. Освен тоа сочуван е и дел од олтарската преграда од 9 век каде што стои еден латински натпис, каде што се спомнува бискупот Иван и наведен е датумот, месецот и годината – 13 I. 809.

Затоа историски со сигурност Котор веќе 1200 години ги чествува и ги чува моштите на малоазискиот маченик Трифун. Денот на мачеништвото на свети Трифун е на 2 февруари (15 февруари по стар календар), но заради празникот „Сретение Господово“ кој се совпаѓа во истиот ден, Црквата празникот на свети Трифун го прославува ден порано.

Светци/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот