Духовни размислувања, приказни од секојдневието, книги за милосрдието, се само некои од книгите кои можат да бидат одличен избор за божиќен подарок. Ви предлагаме 15 интересни книги со различнa тематикa во кои секој може да пронајде не само добро четиво, туку и соодветен божиќен подарок за своите најмили.
„Свето Писмо“– храна што не се јаде, а нахранува. Светото Писмо е место каде што ќе остварите вистинска средба со Бог, доволно е да го „слушате“, а Тој ќе ви зборува.
„Божјото име е милосрдие“ прва книга интервју на папата Фрањо објавена истовремено во 86 земји. Во оваа книга Папата во разговор со ватиканистот Андреја Торниели со едноставни зборови се обраќа до секој маж и секоја жена на планетата, до сите кои ја бараат смислата на животот, патот на мирот и помирувањето, лекот за телесните и духовните рани. Папскиот државен секретар кардинал Пиетро Паролин кој за време на својата посета на Македонија ја промовираше ова книга за истата рече: „Со оваа книга Светиот Отец како да нѐ зема за рака и малку по малку нѐ воведува во тајната на милосрдието.“
„Црквата во пресрет“ монографија чиј главен и одговорен уредник е Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. Д-р Киро Стојанов издадена по повод посетата на Македонија од страна на Ватиканскиот државен секретар, кардинал Пиетро Паролин. Оваа монографија е објавена со желба оваа значајна посета што подолго да се задржи во нашите срца во знак на благодарност до Неговата Еминенција кардинал Пиетро Паролин.
„Црквата во служба на човекот“ од Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов. Ова дело ја претставува пастирската и пасторалната грижа на еден епископ која се „коваше“ две години преку проповеди, средби, литургии…Во оваа книга е ставен акцент на семејството. И секако со право, бидејќи токму бракот и семејството денес се толку многу потребни, а жестоко се напаѓани; важни, а се потценувани; полни со вредности, а се обезвреднувани; корисни, а се отфрлаат, постојани, а сакаат да се направат да бидат минливи. Истовремно со книга ќе се запознаете и со богопосветениот живот.
„Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Христо Драгов во превод на с. Татјана Атанасова. Со оваа книга за момент ќе се преселите во Торино, ќе се запознаете со семејството Алоати, посебно со братот и сестрата Еврозија и Јосиф. Животот на овие луѓе ќе направи да се „вљубите“ во Исус – Евхаристијата; да размислите за својот животот и повик. А душата ќе ви ја исполни со благодарност за делото кое тие го направиле за македонскиот народ.
„Божји заповеди – Пат до нашето спасение“ од о. Јулијан Катриј, а преводот од украински е на о. Марјан Ристов. Во книгата се обработени десетте Божји заповеди, на еден едноставен и разбирлив јазик, во која секој човек со добра волја ќе може да се пронајде самиот себе. Книгата е патоводилка низ животот на нашиот пат до вечно спасение. Преку читањето на оваа книга можеме да научиме како да го сакаме Бога и ближниот, нашата Црква и нашиот народ.
„Братска љубов низ приказни“ приредена од о. Гоце Костов. Книгата „Братска љубов низ приказни“ содржи 53 духовни, поучни приказни наменети за сите возрасти. Во секоја приказна сместена меѓу кориците на оваа убава и вредна книга, без разлика дали се спомнува директно или не, присутен е Тој, нашиот Бог. Неговиот дух и промисла провејува во секоја приказна преку ликовите и Словото на мудреците, учителите, ангелите или слепците… Сеедно, Тој доминира, поучува, ја буди свеста и совеста. На чудесен начин успева да ги врати на правиот пат грешните, да ги очовечи луѓето кои станале нелуѓе, да ја поврати верата и вербата на залутаните духом… Со еден збор, приказните од оваа книга даруваат мудрост и сознание.
„Македонската католичка црква од источен обред меѓу двете светски војни“ од д-р Зоран Стојанов е книга во која ќе се запознаете со точни историски поединости од тој период на дваесеттото столетие, со цел да бидат начнати некои аспекти за правната положба на католиците во тоа време со осврт на духовниот живот и пасторалните активности.
„Свети Доменик Савио“ од о. Терезиј Боско СДБ во превод на о. Спасо Ристов. Запознајте се со животот на овој петнаесетгодишен праведник на XIX столетие. Личноста на младиот Доменик ќе потресе мнозина и сигурно ќе разбуди во нив оптимизам и добрина во животот.
„Вистинска љубов“ од монс. Антун Циримотиќ. Човекот којшто размислува бара одговори на многу прашања. „Која е смислата на човечкиот живот? Дали со смртта завршува сѐ, или постои задгробен живот? Дали постои Бог којшто доброто го наградува, а злото го казнува?“ Обидете се да ги најдете одоговрите во оваа книга.
„Трагови на христијанското искуство“ од монс. Луиџи Џусани. Книгата е составена од три мали книгички и претставува прв превод на овој плоден автор кој има објавено неколку десетици дела. Преводот е дело на д-р Зоран И. Стојанов и г-ѓа Билјана Јовановска.
„Свети Винко Паулски – Живот потрошен за другите“ од Луиџи Мецадри, во редакција, превод и лектура на Католичката црква Пресвето Срце Исусово, Битола. Понудете го за пример животот на овој светец кој бил посебно „слаб“ на сиромашните и симбол на човекољубието и милосрдието.
„Свети Јуда Тадеј – голем помошник во тешки и безнадежни случаи“ приредена од о. Оливер Тантушев. Од секогаш свети Јуда Тадеј бил помошник во тешки и очајни потреби, а искуството покажало дека молитвите кои се барале по неговото застапништво биле на чудесен начин услишани и тоа во прилики каде што по човечко судење секоја надеж била невозможна.
„Животот на Еврозија Алоати Сестра Марија Христија Исусова“ од о. Јосиф Алоати во превод на с. Татјана Атанасова – Евхаристинка. Сестра Марија Христина Исусова посветувајќи се себе си секојдневно, исполнувајќи ја во сѐ Божјата волја ја основала малечката монашка заедница на сестрите Евхаристинки. Нејзината цел била пред сѐ Бог да царува во нејзиното срце, за да може после да го дава Исус да царува во душите на нејзините браќа, од љубов кон Бога.
„Мајка Тереза“ – чудесни приказни од Лео Масбург во издание на НУ Спомен куќата на Мајка Тереза – Скопје. За 100 годишниот јубилеј од нејзиното раѓање „отец Лео“ ни прикажува чудесни и прекрасни приказни кои содржат мали и големи чуда, а кои ги доживеал покрај Мајка Тереза. Овде се прикажува една жена полна со хумор и богат дух, мудра и секогаш подготвена за работа, личност која ни ја носи пораката на надежта во нашето време.
Сите наведени книги можете да ги најдете во Католичките цркви во Македонија.
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк