Служејќи света Литургија во базиликата „Свети Петар“ за учесниците на Јубилејот на верски заедници и лаичките движења посветени на Побожноста на Пресветата Крв Христова, кардиналот Луис Антонио Г. Тагле, пропрефект на Дикастеријата за евангелизација, предупреди за недостигот на средства наменети за храна, лекови, домување и образование. Тој повика на поддршка и промоција на верските заедници кои живеат инклузивно, а не како странци, со цел да се бориме против дискриминацијата, нееднаквоста и манипулацијата со луѓето.
„Има доволно пари за оружје, но не и за храна, домување, медицина и образование. Дискриминацијата, нееднаквоста и манипулацијата со човечките битија се спротивставуваат на заветот на Исусовата крв“, порача на 1 јули 2025 година, кардинал Тагле во проповедта за време на светата Литургија која ја предводеше во Ватиканската базилика, по повод Јубилејот на верските заедници и лаичките движења посветени на Побожноста на Пресветата Крв Христова.
Членовите на овие заедници од целиот свет присуствуваа на света Литургија во базиликата „Свети Петар“ — настан што во оваа Света Година ги собра верниците посветени на Пресветата Крв Христова, на празникот на оваа побожност, промовирана во 19 век од Свети Гаспар дел Буфало.
Кардиналот Тагле истакна дека концептот на заветот не се сфаќа доволно сериозно во свет каде поделбите достигнуваат деструктивни, нечовечки и насилни размери. Потсети на првото читање од Книгата Излез, кое нè потсетува дека заветот меѓу Бог и Израел е личен однос составен од различни, но меѓусебно поврзани нивоа.
„Преку Исусовата крв се остварува нов и совршен завет“, нагласи пропрефектот на Дикастеријата за евангелизација, „каде Бог гарантира дека никогаш нема да нè напушти, а човекот Му ветува целосна верност во име на човештвото и создадениот свет.“
Во Посланието на Свети Павле до Ефесјаните се појавува уште една важна карактеристика во Новиот завет за Исусовата крв — создавањето на нова, помирена заедница. Во Исусовата личност учениците од различни народи и култури повеќе не се странци, туку сограѓани и членови на истото семејство.
„Никој не е странец,“ заклучи кардинал Тагле, „никој не треба да се третира како закана или жртвено јагне, туку како ближен, брат и сестра.“
Ватикан њуз/к.мк