Кардиналот Крајевски, Папски делител на милостина, во пресрет на празниците повторно ќе отпатува во напатената Украина за да ја однесе помошта од папата Фрањо. Кардиналот во име на Папата ќе предаде медицински кампер и шест апарати за ултразвук.
Кардиналот Конрад Крајевски, префект на Дикастеријата за служба за милосрдието, повторно заминува во мисија во Украина. Полскиот кардинал, кој веќе десетина пати ја посети таа напатена земја од избувнувањето на војната, повторно се враќа во неа пред божиќните празници за да ја пренесе близината на Папата со оние кои ги трпат последиците од конфликтот и да достави материјална помош. Сега, на ова ново патување во име на папата Фрањо, кардиналот ќе однесе голем медицински кампер, мала мобилна болница во која ќе можат да се вршат хируршки зафати и шест апарати за ултразвук кои ќе бидат донирани на уништените и бомбардирани болници. Папата лично го благослови камперот пред неколку дена.
Средба со заедниците кои страдаат
Папата Фрањо секој ден се моли за мир во таа земја зафатена од војна, но на конкретен начин сака да биде присутен меѓу нив во овие денови, кога го славиме раѓањето на Исус – се вели во соопштението објавено од Канцеларијата за печат на Светиот Престол. За време на своето патување во Украина, кардиналот ќе посети различни заедници каде ќе се сретне со луѓето кои страдаат, а со нив ќе се обиде да ја отвори „вратата на надежта“ во нивните срца и да се моли за многу посакуваниот мир – се наведува во соопштението за печатот.
Ватикан њуз/к.мк