Кардиналот Кармо да Силва: Верата на Источен Тимор го трогна Папата

Кардиналот Кармо да Силва: Верата на Источен Тимор го трогна Папата

Надбискупот на Дили, кардиналот Вирџилио до Кармо да Силва, се осврна на делот од 45-тото апостолско патување на Папата, за време на кое го посети Источен Тимор: Папата ни помогна да сфатиме дека сме католици со свој точно одреден идентитет, без разлика колку земјата е мала.

Тоа е историски настан, прослава за луѓето од Источен Тимор, прослава на верата за Католичката црква во земјата – со тие зборови во интервју за ватиканските медиуми, надбискупот од Дили, кардиналот Вирџилио до Кармо да Силва, ја опиша посетата на папата Фрањо на таа азиска земја, која заврши со овие зборови утрото, на 11 септември, по два интензивни дена исполнети со средби.

Кардиналот потсети на посетата на свети Иван Павле II, кој ја посети земјата пред 35 години кога Дили беше главен град на една индонезиска покраина, и истакна дека папата Бергољо е првиот Папа што дошол во Источен Тимор по осамостојувањето на земјата. Владата, Црквата и целата нација придонесоа за успехот на таа посета – истакна кардиналот, нагласувајќи дека силата на верата, присутна во таа млада земја, го трогнала самиот Папа и речиси целиот свет.

Осврнувајќи се потоа на плодовите од присуството на Папата, кардиналот до Кармо да Силва најнапред потсети на мотото на апостолското патување кое гласи „Вашата вера нека биде ваша култура“ и ја истакна важноста на односот меѓу верата и разумот. Ова е тема – појасни тој – за која детално се зборува во последниот месец и на академско ниво и меѓу владините лидери. Притоа, набљудувајќи го долгиот процес на градење на државата, градење на нов идентитет како народ, тиморскиот надбискуп истакна дека посетата на римскиот бискуп послужила за афирмирање и потврдување на националниот идентитет и верниците во Источен Тимор да кажат дека, без разлика колку земјата е мала, се Тиморци и католици, и имаат свој идентитет. Затоа се надеваме дека локалното население навистина ќе се вкорени во тие процеси на културен идентитет и вера – рече кардиналот.

На крајот, коментирајќи го последниот говор на папата Фрањо во Дили – оној што го упати до младите утрото, на 11 септември, за време на средбата во Конгресниот центар – кардиналот до Кармо да Силва истакна две многу силни пораки кои Папата ги упати до младите луѓе. Прво, да се оди напред, да се крева врева, да се биде среќен и радосен. Другата порака е да се почитуваат постарите, бабите и дедовците, родителите и децата. И двете пораки се насочени кон Божјиот народ – додаде надбискупот Дили. Кога сите ние, како и младите и децата, ќе продолжиме да негуваме таков став во нашите срца и да ги почитуваме другите, верувам дека тоа ќе биде голем чекор напред во создавањето промени. Тоа се започнува уште денеска, по посетата на Папата – рече на крајот кардиналот до Кармо да Силва.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот