Кардиналите ги повикуваат верниците да се молат за нив при изборот на новиот Папа

Кардиналите ги повикуваат верниците да се молат за нив при изборот на новиот Папа

Кардиналскиот колегиум побара од сите католици да се молат за нив, за да можат да го слушаат Светиот Дух додека одлучуваат кого да изберат за следен Папа.

Светиот Престол во среда, 30 април 2025 година објави соопштение во која кардиналите, кои се подготвуваат за претстојната конклава, ги замолуваат верниците да се молат за нив.

„Кардиналскиот колегиум собран во Рим, присутни на Генералните конгрегации за подготовка на Конклавата, го повикува Божјиот народ да го живее овој црковен момент како настан на благодат и духовно расудување, слушајќи ја волјата Божја“, се вели во соопштението.

Кардиналите истакнуваат дека чувствуваат „потреба да бидат поддржани од молитвите на сите верници“, бидејќи се свесни за својата одговорност во изборот на следниот Петров наследник.

Молитвата, додаваат, „е вистинската сила која во Црквата го промовира единството на сите членови на едното Тело Христово“.

„Соочени со големината на задачата што претстои и итноста на сегашното време“, стои во соопштението „пред сè е потребно да бидеме понизни орудија на бесконечната мудрост и промисла на нашиот Небесен Отец, во послушност кон делувањето на Светиот Дух.“

Кардиналите забележаа дека Светиот Дух е „протагонист на животот на Божјиот народ, Оној кого мораме да го слушаме, прифаќајќи го она што Тој ѝ го кажува на Црквата“.

„Пресвета Дева Марија нека ги придружува молитвите со своето мајчинско застапништво“, стои на крајот од соопштението на кардиналите.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот