Често е многу лесно да се најде изговор за да се пропушти светата Литургија, иако светата Литургија е најголемиот дар кој Господ ни го оставил. Во овој текст прочитајте некои од најчестите изговори, но и одговорите на секој од нив.
Недела е мојот единствен слободен ден
Ах, недела. Зарем сите ние не сакаме да имаме еден ден во неделата без обврски во кој само ќе се излежуваме и ништо нема да работиме? Мислиме како ќе се одмориме опуштајќи се на каучот, гледајќи филм или едноставно купувајќи во трговските центри. Сепак Исус нѐ поучува: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам.“ (Мт 11,28) Единствениот начин на кој можеме да најдеме вистинско освежување и мир еднаш неделно е да поминеме со Господ еден час од нашиот слободен ден. Тој ќе нѐ одмори, охрабри, зацврсти за неделата која доаѓа. Ќе сфатиш дека ти преостанува уште многу од неделното време откако ќе се вратиш од црква. Сепак ако не можеш да подариш еден час од својот слободен ден има неколку цркви во кој навечер се служи неделна света Литургија.
„За себе о Боже нѐ создаде и немирно е срцето наше сѐ додека не се смири во тебе.“ – свети Августин
Не можам да останам толку долго сериозен!
Денес е нормално да мораме да се трудиме да останеме внимателни долго време. Телевизијата и интернетот се рај за оние кои сакаат брзи и различни новости и „дружења.“ Ако нешто повеќе не го привлекува нашето внимание, го менуваме каналот или страницата. Ваквото разбирање станува проблем затоа што сѐ започнува да се врти околу нашата глад за забава. А оваа „внатрешна брза храна“ никогаш не може да нѐ исполни! На светата Литургија сме повикани да го правиме токму спротивното: ако светата Литургија не го привлекува повеќе нашето внимание, НИЕ треба нешто да промениме. Без сомнеж тоа може да биде многу предизвикувачко, но таму и само таму ќе ја постигнеме полнотата за која копнееме.
Да се оди на света Литургија со деца е исто како да се оди на натпревар за борење. Бучни се, не можат мирно да седат. Зошто тогаш воопшто да се трудам?
„Оставете ги децата да приоѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо. Вистина ви велам: кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“ (Мк 10, 14-15)
Нашите сопствени фрустрации не смеат нас и нашето семејство да го спречуваат да оди на света Литургија. Да, тешко е и бучно да се водат децата на света Литургија. Тоа никако не го оспоруваме. Ништо не е лесно во недела наутро, но кога ги водиме децата кај Господ им го пружиме најдобриот подарок кој можеме да им го понудиме. Нашата должност како родители е да ги евангелизираме и да ги воспитуваме децата во верата. Повикани сме да ги научиме да молат и да им помогнеме да разберат дека се деца Божји. Крајната цел е да ги водиме нашите деца кон вечноста во небото. А тоа е невозможно без учествување на светата Литургија. Најдете начин како да ги смирите децата, како да го насочите нивното внимание. Пред да тргнете на света Литургија молете се со вашите деца и молете го Светиот Дух да ви помогне децата да бидат мирни на светата Литургија. Понесете книга со католичка содржина која тие ќе можат тивко да ја гледат и прелистуваат. Седнете во првите редови за вашите деца подобро да се однесуваат затоа што тогаш можат да видат што се случува на олтарот. Држете ги близу до себе и шепнувајте им што се случува во деловите на светата Литургија. По светата Литургија играјте квиз на тема библиски читања и проповеди. Наградете ги ако одговорат точно. Нека бидат прашањата во согласност на возраста на детето.
Ова е жртва која ќе пожнее големи плодови. Ќе видите како вашите деца растат во заедништво со Христос. (…)
Becky Roach/CatholicLink/к.мк