Никој од нас не знае на што точно се согласува со венчавањето. Кажи ДА и прифати ги незамисливите таги, но и неизмерните радости.
Мери
Бев во брак помалку од година дена кога сопругот ми рече дека сака да биде полицаец. Со други зборови, сакаше секој ден да заминува од дома во опасност, и тоа намерно. Тоа никогаш не беше дел од планот. Додека бевме свршени, планираше да биде наставник по историја. Пред венчавката ја отфрли таа идеја и не ја замени со ништо друго. Продолжи сезонски да работи како геодет. За таа работа не беше дораснат со неговите дарови како што не беше ниту доволна за издржување на можното поголемо семејство. Знаев дека бараше промена на работата, нешто со што долгорочно ќе се занимава. Но, да биде полицаец?! Никогаш не ми падна на ум. Гледајќи го маж ми како го навлекува панцирот и пиштолот, па оди во непознато секој ден или ноќ, не беше она што го мислев кога го дадов заветот.
Или сепак си?
Стоејќи пред олтарот и Бог како и пред своите сакани, ветив дека ќе бидам верна на својот сопруг во богатство и сиромаштво, во болест и здравје, во добро и зло, додека смртта не нѐ раздели. Ветив дека ќе го сакам без оглед на сѐ. Ја прифатив доживотната врска и покрај неочекуваните ситуации кои ни ги носи животот, или мојот маж. Тогаш не знаев, но дефинитивно сум се согласила да бидам за празниците, годишнините и викендите сама. Го прифатив сето тоа, бидејќи прифатив да го сакам својот маж, да бидам покрај него, да му бидам верна до смрт. Немаше посебни делови во нашите завети. Беше само себедарување, без резерва.
Не може да се каже дека се согласував со сето тоа што тој го сакаше или дека прифаќав без прашања. Но, не можев да му застанам на патот, затоа што не можев да застанам помеѓу него и Бог. Повеќе го сакам својот маж отколку што сакам да биде по мое, а уште поважно е дека го сакам Бог и сакам да ги следам Неговите планови за нашите животи повеќе отколку што го сакам (лажното) чувство на сигурност и релативен мир којшто го имав пред маж ми да стане полицаец. Да му кажев на сопругот дека никако нема да се согласам да стане полицаец, знам дека тој би го почитувал тоа. Не би ја отфрлил нашата врска само за да биде по негово, но сепак мислам дека не би можела да живеам со самата себе ако направев обид да застанам помеѓу маж ми и Бога на тој начин.
Заедничкиот живот не го докажува бракот
Никој од нас не знае на што точно се согласува со венчавањето. Дури и кога парот живее заедно пред бракот, не може да знае сѐ што треба да знае за својот партнер пред венчавката, а посебно нема да се осигури од неочекуваните ситуации кои ги чекаат. Смешно ми е (а помалку и плачам во себе) кога луѓето се однесуваат како заедништвото да им обезбедува дека нема да има повремени разочарувања на партнерите или во бракот. Заедничкиот живот не го докажува бракот, но може да ве доведе до мислење дека вашата обврска е условена.
Мислите дека ги знаете сите важни работи за партнерот, па бракот е „сигурен“ за вложување на труд. И што се случува кога нешто ќе се промени после венчавката – затоа што тоа е неизбежно? Што се случува кога здравиот партнер доживее несреќа и стане немоќен, или стане слаб од хронична болест? Што се случува кога доаѓа до постпородилна депресија и ја претвора жената во друга личност од онаа со која си се оженил и со која си сакал да го поминеш животот? Што се случува кога твојот маж – учител – кој што бил – геодет – Бог го повикува да биде полицаец?
Кога бракот успева?
Кога живееме со некого знаеме дали ги остава валканите чорапи по подот, ги изедува ли последните парчиња храна за кои си се надевала дека ќе ги подели со тебе или ќе се разбуди наутро со лоша волја и фризура. Меѓутоа, овие работи немаат врска со тоа дали бракот ќе успее или не. Бракот успева кога двајца несовршени луѓе заедно ќе сфатат колку се несовршени и не очекуваат совршенство едни од други. Успева кога тие двајца луѓе ќе одлучат дека без оглед кои изненадувања и предизвици ќе им излезат, тие ќе се сакаат цело време. Успева кога секој од нив ќе препознае Кој и Чиј планови доаѓаат на прво место во односот (мислам на Бог и Божјите планови).
Понекогаш, кога ми е доста од животот како жена на полицаец и кога се сожалувам самата себе си, си велам „Не го прифатив ова“. Тогаш Бог ме потсетува дека сум. Дали навистина мислев на заветите кои ги кажав тој ден во црквата Свети Антониј? Да?! Тогаш сум се согласила и на тоа! Исто така сум прифатила доживотно благодарење за милоста на примањето на светата тајна Брак (милост која не е присутна кога само се живее заедно). За да ја примам таа милост, треба да престанам да се самосожалувам.
И да знаев, сепак би се омажила
Мислам дека целта на Божјата совршена мудрост е да не го знаеме однапред времето за своите несовршености или сите предизвици со кои ќе се соочиме во текот на животот заедно. Кога би можеле тоа да го видиме, дали и понатаму ќе сакаме да се венчаме?! Можеби тоа би зависило од количината на милост која Бог би ни ја покажал дека ќе ја излее на нашиот брак, за раст по соочувањето со проблемите и длабочината на брачната љубов која нараснува кога поминува низ тежок период. Тоа се исто така работи кои не можеме да ги сфатиме пред бракот и никогаш не можат да се покажат во „пробен рок“ на заеднички живот. Кога се заветувате, се согласувате на незамисливи тагувања, но и неизмерни радости; длабока долина, но и високи ридови (со рамни терени помеѓу).
Вчера мажот ми и јас прославивме девет години од бракот. Кога се венчавме не знаев дека прифаќам да бидам жена на полицаец. Но, и да знаев, сепак би се омажила. Да бидеш мажена за полицаец не е мед и млеко; но да бидеш мажена за мојот полицаец е нешто што не би го менувала за целиот свет.
Жена Врсна/к.мк
Фото: Peter Weidemann во: Pfarrbriefservice.de